Сириец планирал да нападне германски војници со мачети
Под сомнение дека планирал напад врз војници на Бундесверот во јужна Германија, полицијата уапсила сириски државјанин. Инспекторите наведуваат дека тој е следбеник на радикалната исламистичка идеологија, пренесува ДПА.
Осомничениот, кој се наоѓа во истражен притвор, наводно сакал да убие што повеќе војници користејќи две мачети за време на паузата за ручек во центарот на Хоф, соопшти обвинителството во Минхен.
Тој е осомничен за подготвување на тешко насилно кривично дело што ја загрозува државата, но презумпцијата на невиност важи до правосилна осуда.
Според баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман, полицијата во средата добила „дојава од сведок од околината на осомничениот“.
Според обвинителството, Сириецот пристигнал во Германија пред 10 години. Има таканаречена супсидијарна заштита, за лица кои немаат услови за статус на бегалци, но можат да докажат дека се во сериозна опасност доколку се вратат во земјата на потекло.
Осомничениот не е осуден, соопшти обвинителството.
Касарната во Хоф е единствениот преостанат воен објект во Горна Франконија и се наоѓа на периферијата на градот.