Сирените на културата

Благојче Атанасоски

Кој ни е виновен за ужасната сообраќајна некултура, за ѓубрето насекаде, за загадувањето, за корумпираниот, гнил, клиентилистички, непотистички институционален систем, кој ни е виновен што ни се распаѓаат амбулантите, студентските домови, постојките на железничките станици, пругите? Ние и само ние.

Македонец заглавен во сообраќајниот метеж кај „Веро Џамбо“ мисли дека ако ја стисне сирената, ќе му се вклучи зеленото светло на семафорите кај Железничката станица, а ако легне со главата врз сирената, дека зеленото ќе свети сè додека тој не дојде на ред да помине. Во Брисел свират само автомобилите на полицијата и на брзата помош. И противпожарните. Кога се на задача. За три месеци шетање, не чув ниту еден звук кој би ја сигнализирал нервозата на возачите. Тоа е голема разлика во сообраќајната култура, а и во културата воопшто – вели во својот феноменален статус колумнистот и поранешен новинар Бранко Тричковски.

Да, многупати сум пишувал и сум елаборирал на темата за непринципиелната политика на самата Европска Унија, што би се рекло на официјален Брисел кон нас, односно кон нашиот евроинтегративен пат, безмалку сите овие три децении на независност, за нашите танталови маки за преминување на сите Сцили и Харибди кон полноправното членство во Унијата, наметнатите вета од јужниот, сега и источниот сосед, со кои се задира(ше) во нашето уставно име, националниот идентитет и потеклото на јазикот… Но, исто така, постојано сум пишувал што ние како општество, како државна заедница, како народ, направивме во овие триесет години да се реформираме самите, да ги трансформираме сите општествени и институционални сфери на живеење за да можеме да претендираме да станеме членка на Унијата. Речиси ништо. И, пак, за тоа вината ја бараме во некој друг. Македонецот е шампион во себевиктимизација, во наоѓање оправдување, во изземање од одговорност. Просто е неверојатно како за својот неубав живот тој ги обвинува сите околу себе (роднините, соседите, државата, власта, работодавачот, системот), но никако себе. Дали тоа се должи на селското его (во културолошко-антрополошка смисла на зборот, не според место на живеење) јас не знам, но очигледно тоа е доказ за еден инфантилен однос, прво кон самиот себе, потоа кон општеството и државата. На крајот на краиштата, сите ние како индивидуални единки чиниме еден систем, една државна заедница за која постојано се жалиме дека „не ја бива“ или „не нè бива“ како држава со што всушност (си) признаваме дека нас не нè бива. Бидејќи за да ја бид(н)е државата, прво треба да нè бидува нас.

Балтичките земји се Америка за нас!

Ниту сум правел ниту, пак, сум улав да правам компарација на Македонија со највисоките западноевропски развиени земји, бидејќи е просто невозможно прво од научен аспект, а второ тие, кога ние сме иновирале црешово топче, граделе метроа во своите главни градови, така што тоа е излишно. Но, секогаш кога сум правел споредба помеѓу нас и некои други сум ги земал за репер балтичките републики, кои по територија, население и државно-историски развој, како екскомунистички, екссоветски земји, се многу слични на нас. И секогаш сум го истакнувал како најпозитивен пример нивното трансформирање преку евроинтегративниот процес и како денес тие личат на западноуредени општества со висок животен стандард, со уреден институционален систем.

Пред една седмица ја имав среќата да ги посетам и да ги видам во живо нивните главни градови и да се уверам со свои очи во тоа што теоретски само досега сум го тврдел. Со мал исклучок на Рига (главниот град на Летонија), каде што сè уште се чувствуваше „духот на советскиот социјализам“, веројатно поради огромниот број руско етничко население, но и понискиот животен стандард од другите две, во Талин (Естонија) и Вилнус (Литванија) вие воопшто не може ни да почувствувате, денеска, дека се наоѓате во поранешни забаталени, нискоразвиени, советски републики. Почнувајќи од достапниот интернет во сите јавни инфраструктурни објекти (автобуски, железнички станици, пристаништа), чистотата на амбиенталниот воздух, чистотата на животната средина, урбанизацијата на просторот и комплетната уреденост на целиот систем, вие мислите дека се наоѓате во нивните скандинавски соседи (Шведска и Финска). Сето тоа е благодарение на реформите, кои политичките елити на овие постсоветски држави, со распадот на комунизмот и со падот на Берлинскиот ѕид, ги направија внатрешно за да се трансформираат во модерни и пристојни места за живеење.

Да, ЕУ била таа што била мотор на тој процес, но волјата на елитите да се европеизираат нивните земји, да се десоветизираат, била огромна и резултатите се повеќе од очигледни. За разлика од нив, една „европска“ Бугарија и по петнаесет години од полноправното членство Унијата денес многу повеќе наликува на класична балканска одошто на развиена европска земја. Барем, како балтичките. И тука се виновни сите корумпирани и криминализирани бугарски политички елити.

Како што може сами, никој „душман“ не може!

Добро, кој ни е виновен за ужасната сообраќајна (не)култура, за ѓубрето по улиците, парковите, планините, реките и езерата? За загадувањето. За корумпираниот, гнил, клиентилистички, непотистички институционален систем. За руинираните инфраструктурни објекти и капацитети, изградени во поранешната заедничка држава СФР Југославија, за кои ние денеска немаме ни капацитети да ги одржуваме тековно, камоли да изградиме нови и помодерни. Кој ни е виновен што ни се распаѓаат амбулантите, студентските домови, постојките на железничките станици, пругите? Се разбира, ние и само ние. За изземањето од таа и таква одговорност, ниеден Вардар не нè пере. А и подобро! Бидејќи е загаден како најзагадената бангладешка река. Благодарение на нас и на нашиот менталитет, полош од тој на Бангладешаните. Никаква ЕУ, никаква Америка, Брисел, Грција, Бугарија, никакви тукашни Албанци или кој било психопатолошки проектиран и фиксиран „непријател“, за ова не може да сноси вина. Бидејќи срамот е исклучиво само наш. За кој немаме одговорност. Бидејќи тој збор, да постои вистински во нашата секојдневна реалност и практикување, немало да допуштиме да дојдеме до ова дереџе. Немаме ни срам ни одговорност. Од самите себе, прво, па потоа од другите!

Авторот е аналитичар 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот