Синоќа се одржа премиерата на претставата „Дупло дно“ во Прилепскиот театар

Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на 27 мај премиерно ја изведе претставата „Дупло дно“ по текст на Горан Стефановски. Режисер, како и дизајнер на сцена и костими е Наташа Поплавска, композитор на музиката е Ристо Вртев, а драматургијата е на Ивана Нелковска. Во уметничката екипа се и дизајнерот на светло Милчо Александров, а дизајнот на плакатот и на програмата е Бојана Артиновска Трпческа.

Во претставата играат Катерина Чакмакоска-Клинческа, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски, а настапува и бендот „Дупло дно“ во состав: Томе Темелкоски, Методија Костоски, Ана Митоска и Филип Јездиќ.

„Дупло дно е подрум во главата. Таму ги криеме сите дупли планови, со која жена да се ожениме ако нашата загине во сообраќајна несреќа, како штедната книшка на брат ни да ја префрлиме на свое име ако тој ненадејно умре, таму се сите скришни прељуби, сѐ што сме премолчеле, што намерно сме заборавиле, таму е јасно кого колку мрзиме, таму ја криеме сета невера за она во кое јавно се колнеме дека веруваме и сета вера во она од кое јавно се откажуваме, таму се складиштата на суета и страста, нашиот мрак и пораз, таму сме без шминка, без вештачки вилици, без мидери, таму сме грди. Она страшното што го гледаме во огледало кога гледаме во себе е дуплото дно“, напишал своевремено Горан Стефановски.

– Горан Стефановски ја пишува драмата „Дупло дно“ во 1983 година нарекувајќи ја „пасија во три става и кода“, што наликува на музичката форма свита и во неа ги отвора проблемите на поединецот уметник, лудак и револуционер наспроти системот, отелотворен во ликот на министерот за култура.

Различните општествени позиции тој ги изложува преку дебата и спротивставени ставови за смислата на уметничкото творење, а ликовите на уметникот Јаков, Министерот за култура Божо, неговата сопруга домаќинката Параскева, нивната депресивна ќерка, балерината Кристина, и специјалниот советник Нове ги става во апокалиптична иднина, лудо минато и револуционерна сегашност.

Стефановски иако делото го завршува со кода, тој не ни дава разрешница, туку ги остава нивните позиции непроменливи, а ја отвора дилемата колку и како уметничката стварност кореспондира со реалноста – посочија од театарот „Војдан Чернодрински“ пред премиерата на претставата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 130, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот