Синдикат: За новиот закон за работни односи немаме консензус за многу битни прашања

Дарко Димовски претседател на ССМ / Утрински брифинг

Немаме консензус околу договорите на определено време, за тоа како да се контролира прекувремената работа, треба да се прецизира и да влезе во законот и работата од дома, а има и други отворени прашања, вели претседателот на ССМ, Дарко Димовски

Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, нацрт-верзијата на новиот закон за работни односи, за што веќе четврта година се зборува во јавноста, ќе биде готова пред летните одмори. Но, како што велат од Сојузот на синдикати на Македонија, досега за овој закон се договорени 70 отсто од работите, додека за 30 отсто од важните прашања сè уште не е постигнат договор со работодавачите.

– За овој закон преговаравме со тогашните министерки Мила Царовска и Јагода Шахпаска, а сега и со министерката Јованка Тренчевска. По долги 3-4 години, имаме усогласени ставови со Владата, и со работодавачите, но за 30 отсто не сме усогласени. Немаме консензус околу договорите на определено време, за тоа како да се контролира прекувремената работа, треба да се прецизира и да влезе во законот и работењето од дома, а има и други отворени прашања. Значи, има битни работи за кои им укажуваме на работодавачите дека така како што се сега, или како што сакаат да ги задржат или модифицираат, не се во согласност со законите на ЕУ, со директивите и со конвенциите на Меѓународната организација на труд – изјави за „Слободен печат“, претседателот на Сојузот на синдикати, Дарко Димовски.

Работата на определено време, Синдикатот ја смета за една од поголемите работи кои е неопходно да се уредат на начин на кој нема да се манипулираат работниците.

– Со сегашната регулатива се дозволува работа на определено време дури 5 години. Ние бараме тоа да биде максимум една година. Во една година дефинитивно работодавачот може да оцени дали тој работник му одговара. Притисокот на работодавачите е во новиот закон за работни односи, рокот за работа на определено време да биде 3 години – вели Димовски.

Од ССМ потсетуваат што значи работа на определено време, најдобро се виде за време на пандемијата кога работодавачите масовно не продолжуваа договори и така без никаква одговорност ги отпуштаа оние што со години им работеа. На вработените што работеа со договори на неопределено време, според регулативата дури и да останеа дома, им следуваше надоместок од 50 или од 70 отсто од платата.

Што се однесува до прекувремена работа, Сојузот на синдикати повеќепати алармираше дека системот за контрола на работно време е во рацете на работодавачите.

– Кој контролира кога работникот се отчукува за влез и за излез? Реално, постои опасност за „штимање“ на податоците. Затоа, сите сме сведоци дека има компании во кои се работи прекувремено, а дека работниците не добиваат пари за тоа – објаснува Димовски.

Од првиот ден на дебатата за новиот закон за работни односи, од ССМ потенцираа дека дел од нивните барања се и да има породилно отсуство во траење од 12 месеци, како и доследно почитување на правото за уредување плата со закон и колективен договор.
Министерката Тренчевска најави дека откако ќе биде готова нацрт-верзијата на новиот закон, ќе следува широка дебата. Законот за работни односи се смета за устав за работничките права и обврски, досега многупати беше менуван, но и критикуван, а очекувањата од новата регулатива се големи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот