Симптомите на коронавирусот се менуваат, како можам да знам дали имам ковид-19?

Вакцинација./ Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Симптомите на коронавирусот се менуваат, како можам да знам дали имам ковид-19?

Минатата 2020 година, сувата кашлица и треската беа јасни симптоми на ковид-19. Меѓутоа, ако се појаваше и главоболка и болки во екстремитетите – тогаш тоа беше јасен случај на грип. Кивање, течење на носот и воспалено грло – за среќа само настинка. На овој начин – грубо поедноставено – можеше да се опише толкувањето на симптомите на почетокот на пандемијата, пишува „Б92“.

А, потоа се појави губењето на мирисот и вкусот – јасна индикација за инфекција со SARS-CoV-2. И тоа е сè уште важи.

Со сите други симптоми е различно. Тие, да речеме, се малку флуидни. Се обидуваме да ги пронајдеме со помош на биомаркери и да го препознаеме образецот врз основа на крвните групи. Покрај тоа, тие можат да се разликуваат во зависност од тоа дали лицето со ковид-19 веќе е вакцинирано, дали станува збор за мутант, дали пациентот е стар или млад, со добро здравје или не.

Нови топ 5

Студијата која е во тек во Велика Британија објави податоци токму за симптомите. Во студијата ЗОЕ ковид симптоми, заразените луѓе ги пријавуваат своите симптоми преку апликацијата. Соодветно на тоа, симптомите очигледно се променија – што може да биде (но и не мора) последица на делта сојот, кој сега опфаќа 99 отсто од инфекциите во Велика Британија (податок на 12 јули 2021 година). Еве ги различните групи:

Кои се најчестите симптоми на вакцинираните?

Во принцип, и вакцинираните и невакцинираните пријавиле слични симптоми на ковид-19, стои на веб-страницата.

„Меѓутоа, оние кои се вакцинирани пријавиле помалку симптоми кои пократко траеле, што сугерира дека имаат поблаги форми на болеста и побрзо се опоравуваат“, се наведува во текстот.

Како што е познато во меѓувреме: вакцинираните лица исто така можат да се заразат со коронавирусот. Но, податоците потврдуваат дека тие обично имаат лесни симптоми. А, вакцината спречува тешки или дури и опасни по живот случаи на ковид-19.

Моментален редослед на симптомите на ковид19 по две вакцини:

– главоболка

– течење на носот

– воспаление на грлото

– кивање

– губење на мирисот

Ова нè доведува до симптомите што обично ги поврзуваме со обичната настинка. Погрешното толкување на овие симптоми може да биде незгодно и можно е токму тоа да довело до ширење на делта-сојот во Велика Британија.

Кои се најчестите симптоми кај невакцинираните?

Некои симптоми од почетокот на пандемијата сè уште се присутни, но дојде до некои промени во списокот:

– главоболка

– воспаление на грлото

– течење на носот

– треска

– упорна кашлица

Губењето на мирисот падна на бројот 9 на списокот, а отежнатото дишење е далеку под бројот 30. Овие флуктуации може да укажуваат на тоа дека претходно познатите симптоми се менуваат како што мутира вирусот.

Не донесувајте пребрзо заклучоци

Германскиот вирусолог Кристијан Дростен исто така се повикува на резултатите од студијата и изјавата на Тим Спектор, епидемиолог и водач на студијата ЗОЕ. Тој смета дека во дискусијата за симптомите во медиумите не се спомнува една важна точка:

Општата слика за симптомите се променила бидејќи „сега сѐ повеќе стари луѓе се вакцинирани и нивната студија покажува дека се заразени сѐ помлади луѓе“.

– Кај помладите луѓе, симптомите главно одат во насока на општата инфекција слична на грипот, со главоболка, воспаление на грлото и малку покачена температура. Упорната кашлица, која беше толку типична кај постарите пациенти, сега помалку се регистрира – вели Дростен.

Тоа, како што вели, помалку би го препишал на делта сојот, а повеќе на тоа дека сега сѐ почесто се погодени помладите, бидејќи постарите се повеќе вакцинирани.

– Мислам дека мора да се причека додека не се објави нешто навистина научно за тоа – вели Дростен.

Ве молам, немојте да кажете: „Па, тоа е само настинка

Ако се сомневате дека сте заразени, секогаш е правилна одлуката да се тестирате и да држите дистанца, се согласуваат Тим ​​Спектор и Кристијан Дростен.

– Мислам дека тоа беше поентата на ова јавно обраќање, за да се предупреди населението, особено помладата популација која сега се заразува – бидете претпазливи, дури и ако не се чувствувате многу болно. Не треба само да помислите: „Па, тоа е само настинка“ – вели Дростен.

Неодамнешното истражување „Гутенберг ковид-19“ од универзитетот во Мајнц покажало дека – повеќе од 40 отсто од сите заразени луѓе не знаат дека имаат или дека имале коронавирус.

Авторот на студијата, Филип Вајлд, потврди дека поради статусот на вакцинацијата или ниската инциденција не смееме да се откажеме од тестирањето.

– Ова е важна мерка за следење на динамиката на пандемијата – рекол тој во интервју за Дојче веле.

Да останете внимателни и претпазливи не е опција, туку обврска – без разлика дали сте вакцинирани оздравени или тестирани. Студијата „Гутенберг“ покажа дека мерките за коронавирусот се ефикасни – држење дистанца, зголемена хигиена на рацете, носење маска во затворено и проветрување.

 

Видео на денот