Симптоми кои никогаш не треба да ги игнорирате кај децатa

Правилното дешифрирање на симптомите кај децата е важен дел на родителството и може да ве спаси од непотребна паника, ама и да ви даде сигнал за итна посета на лекар.

Вие најдобро си го познавате своето дете. Ако забележите нешто невообичаено во однесувањето на детето или дека нешто да не е во ред, немојте да се плашите да побарате објаснување од доктор или второ мислење доколку не сте добиле јасни одговори. На вас ви е важно јасно да знаете што значат некои симптоми кај детето и тоа никој нема право да ви го скрати.

Ова се најчестите симптоми кои секој родител треба да ги препознае кај детето, од бебе до возраст на тинејџер (а се јавуваат и кај возрасни).

Отсуство на реакција

Откако ќе се наспие, детето вообичаено треба да биде активно. Ако забележите дека вашето дете тешко се буди, невообичаено е тивко, не е заинтересирано за омилената играчка и е пасивно – повикајте доктор.

Доколку воочите промена во реагирањето, особено после паѓање или удар во глава, задолжително што побрзо однесете го на лекар.

Промена во дишењето

Доколку брзо се заморува, има кратко дишење или слушате шуштење додека диши-викнете доктор. Прекумерното кашлање може да укажува на астма, некоја друга болест или дека нешто се наоѓа во хранопроводот.

Исто така проверете ја бојата на кожата. На потреба за итна интервенција може да укаже и појавата на сина боја на кожата околу усните и ноктите. Проверете дали детето е бледо или бојата на кожата преминала во сивкаста бидејќи тоа укажува на недостаток од кислород во крвта.

Дехидрирање

Нашиот организам треба да има доволно вода за правилно да работи. Дехидрирањето е недостаток на вода и тоа може да доведе до поголеми проблеми, а водата не ја губиме само кога работиме напорно, кога детето ќе се заигра и испоти, туку и кога сме болни, повраќаме и имаме диареја итн.

Поради недостаток на вода во организмот детето може да биде безволно и нервозно, може да има главоболки или да не може да мокри. Исто така урината може да има темна боја, а кожата може да стане сува. Доколку детето одбива да пие вода, можете тоа да го претворите во игра: малку вие напијте се, малку детето.

Покачена температура

Треската може да биде застрашувачка, но тоа е нормален дел од процесот на одбрана на организмот од болести. Меѓутоа, некогаш не е потребно да повикате доктор. Ако детето има температура, но се однесува нормално и активно е, не се грижете. Кашлањето и другите симптоми бараат внимателно набљудување.

Доктор треба да повикате доколку кај детето ја воочите следнава висина на температура:

  • кај новороденче и дете до три месеци- 38 степени

  • 3-6 месеци- 39 степени

  • 6-24 месеци- 39 степени во текот на 24 саати

  • деца- 39 степени во траење од 72 саати

  • тинејџери- 39.5 степени и температурата трае 3 или повеќе денови.

Главоболка или вртоглавица

Главоболката и вртоглавицата треба да се гледаат во контекст од каде настанале. Ако детето ја удрило главата, тогаш некој од овие симптоми сигурно ќе се појават и неопходно е да се советувате со доктор што да правите.

Доколку детето после ударот на главата повраќало, има промена на видот или расположението, покажува збунетост или осетливост на светло и бучава- веднаш одете на доктор, тоа се симптоми на потрес на мозокот.

Разговарајте со доктор и побарајте негово мислење ако се случуваат упорни главоболки кои се пропратени со покачена температура и вкочанетост на вратот.

Неутешно плачење

Ако вашето дете или бебе не сака да го држите во раце, неутешно е и силно плаче и тоа не ви изгледа добро, а посебно ако има температура-јавете се на доктор. Постојат многу причини за неутешното плачење.

Во меѓувреме може да ги погледнете прстињата на нозете да не случајно некое се згрчило, изгужвало и му е неудобно, или се превртела етикетата која ја гребе кожата на бебето. Исто така проверете да не има мозолчиња на телото, можеби станува збор за алергиска реакција на нешто.

Често мокрење пропратено со губиток на тежината, жед и летаргија

Обрнете внимание колку често детето оди во тоалет, ако е големо, или колку често ги валка пелените. Исто така, дали пречесто пие вода и дали се случува во тој период да губи на тежина и се однесува безволно. Тоа може да бидат знаци кои укажуваат на дијабетес од типот 1, но исто така може да укажуваат на пореметување во исхраната кај младите девојчиња и момчиња. Кога ќе ги приметите овие симптоми консултирајте се со доктор.

Понекогаш ни се чини дека родителството, посебно кога се бебињата во прашање, е балансирање помеѓу теророт и исцрпеноста. Сепак, ако посветите внимание на сигналите кои ги праќа телото и промената во однесувањето на детето, подобро ќе можете да прочитате како вашето дете се чувствува и дали е потребно да се обратите на доктор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот