Симовски: Во сегашната состојба има услови да се спроведе пописот со почитување на протоколите

Апостол Симовски /Фото: МИА

Во овие моменти има услови да се спроведе пописот на терен, но секој поединец мора да ги почитува безбедносните протоколи, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по неговата средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи и претставници на трите најголеми верски заедници во земјава.

– Комисијата за заразни болести апсолутно ја следи состојбата на дневна основа. Ако ситуацијата дојде таква да спроведувањето на пописот биде нецилисходно и Комисијата препорача одлагање, ние апсолутно ќе го почитуваме тоа. Нема да дозволиме никој да биде ставен во опсаност и да бидеме причина за ширење на вирусот, истакна Симовски, одговарајќи на новинарско прашање дали ДЗС размислува за одлагање на пописот, имајќи предвид дека расте бројот на новоинфицирани со Ковид-19.

Во однос на изборот за попишувачи, Симовски изјави дека на првиот конкурс во 15-16 региони не се пријавиле доволен број попишувачи, поради што е објавен дополнителен конкурс што треба да заврши во недела.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа од која земја има најмногу самопопишани наши иселеници, Симовски изјави дека ДЗС засега нема такви податоци, нагласувајќи дека дополнително и не се отвора базата за да се прават такви анализи, со оглед дека имаше деизнформации за некакви хакерски упади во системот.

– Базата е целосно заштитена, а се нејзино неотворање сакаме дополнително да ја заштитиме, додека не спласне оваа тензија дека е можно нешто такво, додаде Симовски.

Тој нагласи дека почнувајќи од првиот попис во земјава по Втората светска војна во 1948 година, па и на сите наредни, секој можел слободно да се изјасни за својата етничка припадност онака како што сака.

– Така ќе биде и сега. Нема никави ограничување во однос на тоа кој како ќе се изјасни за етничката припадност, макар тоа биле и апсурдни одговори, истакна Симовски.

Тој додаде дека податоците за бројноста на припадниците на секоја етничка заедница ќе бидат достапни на јавноста и во електорнска и во печатена форма.

– Ако сакате после пописот, ќе можете да видите и колку Марсовци има кај нас. Се што ќе има како податок ќе биде видливо, забележа Симовски.

Министерот Османи, од своја страна, изјави дека се користат сите можни начини за информирање на иселениците независно каде живеат, првенствено преку ДКП-та, од каде се добиени различни идеи и планови за контакти со лицата во дијаспората.

– Во наредните денови ќе имам посети низ европските држави каде покрај со моите колеги, ќе имам средби и со претсатвници на нашата дијсапора за да им пренесам дека сме во фаза на попис, изјави Османи.

Тој додаде дека за информирање на нашите иселеници се користат и социјалните мрежи, МНР има отворено и контакт телефон за дијаспората, а и медиумите имаат важна улога во тој процес, бидејќи нашинците во странство ги следат преку интернет.

– Имаме историска шанса да добиеме јасна слика колку не има во светот и како тоа да го ставиме во функција на понатамошен развој на државата, но и да им помогнеме на ислениците во нивните секојдневни животи, додаде Османи.

Тој нагласи дека лидерите на верските заедници на денешната средба презеле одговрност преку своите мрежи да ги информираат нивните верниците во странство, за што ќе добијат и соодветни информативни материјали од ДЗС за процедурата за попис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот