Симовски: Пописот е во интерес на граѓаните на државата

Апостол Симовски /Фото: МИА

Најважно за сите е да имаме доволно точни, навремени и квалитетни информации, што ќе придонесе за развој, во овој момент најмалку размислуваме за санкции, рече денеска директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој заедно со министерот за правда, Бојан Маричиќ, и директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, ја посетија казнено поправната установа Куманово во К’шање, каде што почна пописот на осудените лица.

Симовски информираше дека нема проблеми со апликацијата и иселениците можат да се попишуваат. Вчера завршил и рокот за теренските попишувачи на кои се пријавиле осум илјади лица.

– Најголемата санкција за сите нас е да немаме доволен фонд на информации, еве 20 години речиси немаме попис поголема санкција од тоа има ли за сите нас. Значи јас ги охрабрувам не е проблемот некој да се казни, проблемот е да ги собереме податоците, бидејќи тие се потреби за сите граѓани во оваа држава, ако сакаме развој на оваа земја, а тој развој се прави исклучиво ако имате информации, денеска најскапата работа во светот е информацијата, навремена, точна и квалитетна информација. Ако сакаме квалитетни информации, а врз основа на тоа и квалитетен развој треба сите да учествуваме во пописот и да се попишеме. Последната работа на којашто јас размислувам во овој момент се санкциите, рече директорот Симовски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Симовски истакна дека апликацијата е функционална и дека нашите државјани можат да пријават каков било проблем.

– Моите информации се дека апликацијата е функционална цело време и дека се попишуваат. Пристапот до апликацијата е многу едноставен, на нашата веб-страница и досега она што го добиваме како информација е дека имаме постојано самопопишување од страна на нашите државјани, искрено не знам дали има одредени проблеми, меѓутоа на нашата веб-страница сите можат да се обратат со каков било проблем. Агенцијата што ја изготвуваше апликацијата е должна во најкраток можен рок да отстрани какви било проблеми во однос на пристапот на апликацијата. Имам информација дека постојано тече самопопишувањето, дека нема прекин, рече тој.

Тој не можеше да презицира колкава бројка на лица се попишани, бидејќи се менува во минута и најави информација во текот на денот.

Одговарајќи на новинарско прашање, Симовски истакна дека има два типа санкции, за оние кои ќе се попишуваат, но и за оние кои учествуваат во операцијата, што е прецизно утврдено со Законот за попис.

– Едниот за оние кои одбиваат да даваат податоци или ќе даваат погрешни податоци и кои подлежат на прекршочни пријави и мислам дека таму се казните од 200 до 300 евра во денарска противвредност, а втора се санкциите коишто се однесуваат на оние кои учествуваат во пописот, коишто ќе ги злоупотребуваат тие податоци евентуално, каде што имаме и кривична одговорност и мислам дека максималната казна беше до пет години затвор, тоа се однесува на нас коишто сме учесници. Јас се надевам дека никој нема да има потреба да подлежи на овие санкции, туку дека сите ќе сфатиме дека оваа операција е во интерес на нас, на граѓаните на оваа држава и дека ќе ја поддржиме и максимално ќе бидеме сериозни во тој дел, рече Симовски.

Тој рече дека е надминат проблемот со матичните броеви на лицата родени по 2000 година.

– Законот за попис е дециден во странство можат да се попишат само државјани, а внатре тие што немаат државјанство си има процедура како се попишуваат таа процедура тоа попишување ќе биде од први април, изјави Симовски, одговарајќи на новинарско прашање како ќе се потпишуваат лица надвор и внатре во државата без државјанство.

Пописот ќе се спроведува сукцесивно во сите затвори.

Граѓаните ќе можат да се изјаснат на својот мајчин јазик по сите прашања, рече Симовски, пребарувањето е на македонски, големиот број на класификации се на македонски јазик бидејќи се огромни и се менуваат на две години и ниту една Агенција не се нафатила да ги преведе.

За илустрација, Симовски рече дека класификацијата за занимања е 450 страни со околу 60.000 различни занимања.

До вчера, кога завршил рокот за теренските попишувачи се пријавиле осум илјади лица и се прави структура по пописен реон, согласно запазување на правична застапеност, познавање јазици, населени места. Симовски смета дека ова е бројка е доволна, бидејќи им се потребни околу 6.000 попишувачи и ќе нема проблеми, но и ако се јави потреба ќе се реши проблемот, со распишување нов конкурс.

Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, рече дека при пописот на осудените се запазени сите безбедносни и пред се, здравствени протоколи. Тој информираше дека личните документи на осудените и притворените лица се обезбедени од страна на МВР.

– Секое лице, согласно безбедносните и здравствените протоколи, стражарно ќе биде спроведено до пунктот каде што се одвива процесот на попишување, сите простории пред и по завршувањето на процесот ќе бидат дезинфицирани, запазени се сите здравствени мерки за да се спречи трансмисијата на вирусот. Во овој момент немаме ниту позитивно, ниту суспектно лице на коронавирусот во ниту еден затвор, рече Спасовски.

Во оваа казнено попрaвна установа има 170 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот