Симовски: Не исполнуваме желби, туку ја отсликуваме реалноста

Апостол Симовски /Фото: Архива на „Слободен печат“

Забелешки Бугарскиот претседател Радев се пожалил пред германскиот колега дека добил сигнали за притисок врз оние што го искажуваат бугарскиот идентитет, Турците дека не можеле да се попишат на турски јазик, а Стоилковиќ изрази сомнеж дека бројот на Албанците ќе се зголеми на сметка на Србите и Турците

Секој граѓанин според слободната волја ја изрази својата етничка припадност на пописот и никој никому не му вршел никакви притисоци по ова прашање, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски за „Слободен печат“, во одговор на прашањето како ги коментира ставовите на бугарскиот претседател Румен Радев дека на пописот им се вршел притисок на луѓето што сакале да се попишат како Бугари. Овој став Радев му го пренел на германскиот колега Франк-Валтер Штајнмаер во телефонски разговор, во пресрет на Самитот во Словенија.

„Бугарија очекува конкретни резултати во однос на почитувањето на човековите права кај нашиот југозападен сосед, што ќе ја забрза европската интеграција на Северна Македонија“, нагласил Радев, пренесе неговиот кабинет. Тој добил сигнали дека се врши притисок врз луѓето што отворено го искажуваат својот бугарски идентитет, а тоа се случило за време на тековниот попис на македонското население

Претходно се побунија партии и организации на Ромите, Турците, Албанците и на Србите.

– Ние не можеме да исполнуваме нечии политички желби, туку нашата цел е со пописот да ја отсликаме реалноста. Нас не нè интересираат ничии калкулации за проценти на население. Единствено ни беше важно населението да има можност слободно да ја изрази својата лична волја и да биде попишан онака како што се чувствува – вели Симовски за „Слободен печат“.

Резултатите од пребројувањето законски треба да се објават најдоцна за шест месеци, но Симовски вели дека тие ќе настојуваат обработката на податоците да заврши и порано.

Според првичните бројки, попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови, а во дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани, најмногу од западноевропските земји, а помалку од прекуокеанските земји. По завршувањето на пописот Симовски изјави дека процесот завршил успешно, а таква оцена изнесе и премиерот Зоран Заев.

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ изрази незадоволство од методологијата, недоволниот број на попишувачи и инструктори од турската заедница, прекините и повеќедневното нефункционирање на системот за апликација, блокираните апликации од странство, проблемите со преводот и недостатоците во софтверот, како и, според нив, фактот дека многу нивни граѓани останале непопишани.

Лидерот на Демократската партија на Србите и пратеник Иван Стоилковиќ вели дека од година в година бројот на Србите во Македонија се намалува.

– Од 1991 година, кога бројот на Србите на пописот во Македонија беше драстично намален, секое споменување на нов попис, отвора голем простор за српската национална заедница да се сомнева во неговата регуларност. Ова е весела математика, која не треба да даде реална слика, туку да ги исполни очекувањата на Албанците – изјави Стоилковиќ во интервју за „Спутник“.

Критики за завршениот попис упати и албанската опозиција, според која постојат недоследности во податоците за домаќинствата и за дијаспората. Од Алијанса на Албанците и Алтернатива велат дека во податоците од Заводот за статистика на Германија е наведено дека до крајот на 2020 година таму живееле 128 илјади државјани на Македонија и бараат да се разјасни колку граѓани на Македонија имаат германско државјанство и колку наши граѓани заминале во Германија со бугарски пасоши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот