Симоновски и МЗТ Скопје се разделија
Македонскиот репрезентативец Марко Симоновски (30 год, 191 см) повеќе не е член на МЗТ Скопје Аеродром, откако двете страни денеска со взаемна согласност и на обострано задоволство потпишаа раскин на договорот.
Искусниот бек од 2016 година е член на МЗТ Скопје и имаше свој придонес во освојувањето на последните две шампионски титули.
Сезонава, Симоновски во домашниот шампионат постигнуваше просечно по шест поени, додека на петте натпревари во АБА2-лигата остваруваше по 5.6 поени и 2.2. скокови по натпревар.
Марко Симоновски кариерата ја започна во Вардар, по што следеше трансфер во Работнички чиј дрес го носеше во уште два наврати, а исто така настапуваше и за Фени индустри и Куманово. Симоновски има и интернационално искуство поминувајќи една сезона во австрискиот Аркадиа.