Симфониски концерт: „И тело и душа“ со пијанистот Дино Имери и диригентот Јерухам Шаровски

Оркестарот на Филхармонија на 12 ноември (четврток) ќе одржи концерт насловен „И тело и душа“ на кој како солист ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери. Со оркестарот ќе диригира Јерухам Шаровски од Израел, а на програмата се дела од Бетовен – Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во Ес-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур, оп.92.

Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во Ес-дур од Лудвиг ван Бетовен е еден од најсовршените и најчесто изведувани дела на светската музичката сцена. Создаден е во периодот меѓу 1809 и 1811 година во Виена, и претставува совршен премин од класицизам во романтизам, сублимирајќи ги придобивките од двете музички епохи.

Оркестарот во ова дело не е само симфониска, туку совршена придружба на пијаното. Во него Бетовен создава етерични ефекти кои презентираат поинаква категорија од стандардната оркестарација типична за времето во кое бил создаден овој концерт. Соло-пијаното ја следи и развива техниката на инструментот со чувство на слобода и брилијантност.

Симфонијата број 7 во А-дур оп. 92 од Л.В. Бетовен премиерно била изведена во виена на 8 декември 1813 година. Ова симфиниско дело на Бетовен, создадено во ист период како и Концертот за пијано и оркестар број 5 го рефлектира музичкиот оптимизам на композиторот, иако е создадено во период кога имал големи проблеми со слушањето. Самиот композитор сметал дека оваа е неговата најсовршена симфонија, а критиката ја оценува како едно од мелодиски најбогатите симфониски дела во неговиот опус. Симфонијата претставува апотеоза на танцот, или како што рекол Вагнер „ако некој ја слуша седмата симфонија, без разлика што е – клупа, чаша, баба, бебе во лулка, ќе почне да игра“, известија од филхармонијата.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова, проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на ФМУ во Скопје со Кум Лауде), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести Кум Лауде. Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано натпревар одржан во Нормандија, Франција.

маестро Јерухам Шаровски

Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнува да изучува музика, а потоа студира флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрира во Израел, каде што дипломира на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски ќе биде избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“, кога ќе ја добие и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешна СССР, која за него ќе биде значајна во кариерата, во 1991 година станува уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски овој оркестар ќе стане еден од најпопуларните симфонски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со повеќе од 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот