Симболиката како алатка за политичка манипулација
Во земја во која политичкиот натпревар често се заснова на етнички линии, темите како прашањата на симболите служат како погодна алатка за одвлекување на вниманието од структурните слабости.
Во една сложена мултиетничка држава како Македонија, националните симболи имаат длабоко значење и емотивна тежина. Сепак, токму оваа симболика често се злоупотребува за политички манипулации, претворајќи ги симболите во инструменти за продлабочување на поделбите, наместо за градење мостови.
Последните инциденти со употребата на националните знамиња за време на одбележувањата на празниците не само што ја отсликаа ранливоста на меѓуетничките односи, туку го открија и односот на политичките елити кон јавноста. Во пресрет на избори (локални избори), прашањата што треба да промовираат обединетост стануваат повод за тензии, додека суштинските реформи, како борбата против корупцијата и подобрувањето на судскиот систем, остануваат во сенка.
Политичкиот контекст и инструментализацијата на симболите
Историски гледано, прашањата на симболите се користат како моќен инструмент за мобилизација на електоратот. Во земја во која политичкиот натпревар често се заснова на етнички линии, ваквите теми служат како погодна алатка за одвлекување на вниманието од структурните слабости. Оваа стратегија ја засилува поларизацијата и го отежнува дијалогот што е неопходен за напредокот на земјата.
Сепак, штетата не се мери само преку етничките односи. Оваа форма на манипулација има подлабоки последици врз довербата во институциите и способноста на државата да ги адресира приоритетните прашања, какви што се европската интеграција и економската стабилност.
Европската интеграција и симболичната дистракција
Проблемот станува уште поизразен во контекст на европската интеграција, каде што е потребен силен политички консензус за спроведување на реформите. Наместо тоа, политичките елити често ги користат прашањата на симболите за да го одложат процесот и вината за недостатокот на напредок да ја префрлат врз други. Европската Унија не бара само исполнување на формални критериуми; таа очекува и функционална демократија заснована на владеење на правото и инклузивност.
Патот напред
Државата мора да ја надмине оваа шема на манипулација ако сака да изгради стабилно и просперитетно општество. Националните симболи не треба да бидат повод за поделби, туку катализатор за единство и визија. Политичките лидери, наместо да се кријат зад „симболизмот“, треба да покажат зрелост и да се фокусираат на реалните предизвици што го попречуваат прогресот на земјата.
Само преку искрен дијалог, спроведување суштински реформи и транспарентност, Македонија ќе може да го ослободи својот потенцијал и да се движи напред, надминувајќи ги празните симболички битки.
(Авторот е адвокат)