5 C
Скопје

Симболична забрана на нуклеарни арсенали, без велесилите со атомски бомби

Вчера стапи на сила досега најамбициозниот глобален проект за забрана на нуклеарни арсенали, но меѓу 86-те потписнички нема ниту една од земјите што поседуваат вакво оружје ниту, пак, членка на НАТО.

Светот од денеска треба да е побезбеден. На сила стапи Пактот на Обединетите нации за забрана на нуклеарно оружје – досега најамбициозниот глобален проект од ваков карактер, кој до октомври го потпишаа 86 земји, а 51 го ратификуваа.

Но, меѓу потписниците не се земјите што поседуваат нуклеарно оружје – САД, Русија, Кина, Обединетото Кралство, Франција, Индија и Пакистан, како и Северна Кореја и Израел и многу други влијателни земји. Меѓу потписничките нема ниту една членка на НАТО. Нивниот аргумент е дека нуклеарна пресметка може поефикасно да се спречи со спогодби меѓу нуклеарните сили.

Потписниците на Пактот на ОН се обврзуваат да не развиваат, тестираат, произведуваат, стекнуваат, пренесуваат, поседуваат или чуваат нуклеарно оружје или да се закануваат со негово користење. Договорот специфично забранува развој на нуклеарно оружје од други страни на територијата на потписничките, како и помагање на друга земја во слични дејствија. Потписничките преземаат и обврска да се грижат за лицата и природата на својата територија што евентуално би биле контаминирани при тестирање нуклеарно оружје на туѓа територија.

Почнувајќи од вчера, земјите што го ратификувале овој договор имаат рок од 90 дена да испратат декларација до генералниот секретар на Обединетите нации, во која ќе наведат дали земјата поседува или контролира нуклеарно оружје или направи поврзани со атомски бомби и дали ја затвориле својата нуклеарна програма ако порано ја развивале. Земји што порано имале нуклеарни арсенали, а го ратификувале Пактот на ОН, се Либија и Јужна Африка.

Прочитајте и...  Пакистанската нобеловка за мир Малала и „Епл“ ќе копродуцираат драми и документарни филмови

 

Меѓусебна недоверба на силите

 

Австралија, на пример, истакнува дека одбила да го потпише глобалниот договор зашто „тој не ја препознава реалноста на актуелната меѓународна безбедносна ситуација“.

Сличен став изрази и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Откажувањето од нашето средство за одвраќање, без гаранции дека и другите би го направиле тоа, е опасна опција. Светот во кој Русија, Кина, Северна Кореја и други земји би имале нуклеарно оружје, а членките на НАТО би немале, не е побезбеден свет – изјави Столтенберг.

САД, од друга страна, се потпира на договорот за постепено редуцирање на нуклеарниот арсенал што го потпишаа со Русија. За време на мандатот на поранешниот претседател Доналд Трамп и САД и Русија најавија дека нема да го обноват договорот „Нов СТАРТ“, кој истекува во февруари. Новиот претседател Џо Бајден, пак, истакна дека еден од приоритетите во првите денови од власта ќе биде да го обнови овој договор, постигнат кога му беше потпретседател на Барак Обама.

Прочитајте и...  Ѓукановиќ до Владата: Веднаш затворете ги границите и воведете најстроги епидемиолошки мерки

Договорот „Нов СТАРТ“, потпишан од Обама и од неговиот тогашен колега Дмитриј Медведев, ги обврзува САД и Русија да ги ограничат своите нуклеарни арсенали на не повеќе од 1.550 бојни глави поставени на максимум 700 интерконтинентални проектили во подземни силоси и подморници, како и на стратегиски бомбардери.

Рускиот претседател Владимир Путин уште во 2019 година изрази спремност да потпише обновување на договорот, но само ако тоа го стори и неговиот американски колега Трамп.

Со промената на власта, Бајден прифатил да потпише обновување на договорот за уште пет години, за што доби поддршка од Амбасадата на Русија во САД.

 

Нов СТАРТ до 2026 година

 

Уште како потпретседател во кабинетот на Обама, Бајден учествуваше во напорите за ограничување на нуклеарното оружје и е добро запознаен со договорот Нов СТАРТ. Во инаугуративниот говор тој порача дека „ќе ги обновува урнатите мостови“, што може да се протолкува и како најава на продолжување на договорот за нуклеарно оружје со Русија.

Прочитајте и...  Американска студија: Лековите против холесторол ја намалуваат смртноста од ковид-19

Весникот „Вашингтон пост“ објави дека администрацијата на Бајден е спремна веднаш да ѝ пристапи на Русија за организирање дијалог за обновување на Нов СТАРТ. Весникот притоа наведува дека имал увид во меморандум на Стејт департментот, според кој САД предлагаат договорот да биде обновен за уште пет години. Меморандумот содржи инструкции до американските дипломати да ги информираат за овој предлог своите сојузници „на највисоко соодветно ниво“.

– Обновувањето на Нов СТАРТ е во интерес на националната безбедност на САД и на нашите сојузници, бидејќи договорот би гарантирал ограничување на нуклеарната програма на Русија, би ни давал информации за рускиот нуклеарен арсенал и би ни овозможил пристап до руските нуклеарни постројки – се наведува во меморандумот.

Телевизијата „Ен-би-си њуз“ додава дека САД се свесни за предизвиците во односите со Русија и дека администрацијата на претседателот Бајден „ќе настојува да се консултира со американските сојузници и партнери како да ја задржи Русија одговорна за своите агресивни акции“.

Поврзани вести

Приведен тетовец кој со возило удрил во возач чие возило било во дефект

Слободен печат

Ќамили: Mладите во Движењето БЕСА имаат целосен опсег на дејствување

Дестан Јонузи

Јалдз Веапоска за „Слободен печат“: Лекарска комора да ми каже каде точно се моите извадени матка, бубрег и јајник!

Мирослава Бурнс

Македонците со бугарски пасоши можат да се вакцинираат во Бугарија

Слободен печат

Затворени угостителски објекти во Радовиш и во Кичево

Слободен печат

Артан Груби: Одлуката на Меџити е лична, ја почитувам

Дестан Јонузи

Остави Коментар