Силјановска: Само ако власта е во вистински раце може да се направат вистински реформи - Слободен печат
ВестиМакедонија

Силјановска: Само ако власта е во вистински раце може да се направат вистински реформи

Според неа, само доколку власта е во вистински раце може да се направат вистински реформи

Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова синоќа се обрати пред граѓаните во Гевгелија. Посочи дека политичарите својот легитимитет го црпат од народот и дека токму народот на 21 април, а потоа и на 5 мај ќе одлучат дали се задоволни од оваа власт, која што според нејзе не направи ништо добро за граѓаните.

– Вие сте тие кои давате и одземате легитимитет. Вие сте тие од кои зависи нашиот мандат, нивниот мандат и вие оценувате. Дојдете време да го кажете последниот збор дали сте задоволни од оваа власт или не – рече Силјановска.

Според неа, само доколку власта е во вистински раце може да се направат вистински реформи. Потенцира дека со Владата на СДСМ и Заев тоа е невозможно, бидејќи, како што рече, тие за овие две ипол години не направија ништо освен промена на името на Република Македонија.

– Само ако власта е во вистински раце можеме заедно да создадеме амбиент за промени, за реформи да почнеме да ја градиме Европа дома зошто не се оди не се патува кон Европа, туку Европа се гради дома. Ако тие за овие речиси две и пол години не сменија ништо освен името, не верувам дека во преостанатиот период знаат, сакаат и умеат како да го сторат тоа –  истакна Силјановска Давкова и додаде дека на државава и е потребна жена за претседател, бидејќи со нејзиниот избор ќе престане егзодусот на иселување на младите.

Посочи дека со Владата на СДСМ и Заев нема демократија и стабилни институции, туку поединец со моќ да владее и да ги контролира сите институции, што според неа, тоа е неприфатливо и претставува една голема глупост.

– Во оваа земја нема демократија, две и пол години не гледам стабилни институции што работат по процедура, гледам само силни поедници кои толку многу моќ концентрирале крај себе што не може да ја контролираат. Потребна е темелна реформа во македонското правосудство и заострување на критериумите за избор на судиите се со цел тие навистина да станат независни и професионални во својата работа. Нужна е темелна реформа на судскиот систем, мора да се заострат критериумите на изборот на судиите, мора да се знае дека не се станува судија со партиска книшка и со партиски збори, туку со диплома, знаење, судска академија, со јазици. Само така ќе имаме независно судство. Токму 21 април, а потоа и 5 мај се датумите кога мора да се стави крај на сите лаги и манипулации на СДСМ и дека конечно со нејзината победа ќе се врати правото и правдата во Република Македонија –  додаде Силјановска.

На собраните граѓани во Гевгелија им се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој откако им заблагодари што и покрај сите закани се одважиле да дојдат на митингот, ги повика сите заедно на 21 април и 5 мај повторно да се соберат на гевгелискиот плоштад и да ја слават големата победа.

–  Илјадници километри поминав и секаде слушнав дека сигурно победуваме. Затоа, ве повикувам сите да се обединиме околу професорката Силјановска и да ја избереме за наш иден претседател –  рече Мицкоски.

Тој истакна дека не му е срам дури и да ги замоли гевгеличани да излезат на избори и да дадат силна поддршка на Силјановска Давкова.

– Ајде сите заедно да се сплотиме и да им покажеме на луѓето од власта дека дојде време да си заминат. Овие луѓе не сакаат да ја видат Македонија како богата земја со богати луѓе, туку мислат да одат напред само со вреќи од крадени народни пари. Ајде да им покажеме на 21 април и 5 мај како вистински се оди напред –  додаде Мицкоски, повикувајќи ги уште еднаш гевгеличани да и дадат поддршка на Силјановска Давкова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close