Силјановска-Давкова: На 21 април ќе отвориме пат за предвремени парламентарни избори

На 21 април ќе отвориме пат за предвремени парламентарни избори, ама новата влада нема да бара од нас да ги заборавиме зборовите на химната или во себе да ги кажуваме и да тагуваме. Со нас ќе ја пее химната, со нас ќе го вее знамето и ќе го изговара светото име Македонија зашто тоа е нашиот идентитет, а Северна нека пишуваат тие. Тоа не е нашето име, рече претседателскиот кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова на вечерашниот митинг во Велес.

Силјановска го почна обраќањето со забелешката дека на денешниот ракометен натпревар, македонската химна била интонирана без зборови.

– Неморално, неетички и мазохистички е тоа што се случува. Нели идентитетот ни е сочуван и загарантиран? Па што е химната ако не дел од македонскиот идентитет? Дали Македонија е слободна ако иредентизам е да ја пеете химната? Дали е ова слободна земја и дали навистина не треба повторно да се бориме за право и правдини оти во Уставот ги пишува трите најважни симболи на државата, меѓу кои, покрај грбот и знамето, е и химната. Сите се под Уставот и законите во слободна земја ама ја се плашам дали оваа земја е се уште слобода. Химната е нашата историска слика, нашиот историски национален наратив. Кој им дава право да ги тргнат зборовите од химната? Таа не е само музика, туку е битката за право и правдини – подвлече Силјановска.

Според неа, се ближи денот кога ќе додје слободата.

На митингот се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Го нарече фијаско денешниот централен митинг на Стево Пендаровски во Скопје и се осврна на ставот што го изнесе Заев дека со Преспанскиот договор идентитетот е „бетониран”.

– На тој собир го слушнавме Заев како ме критикува и како вели дека не само што го забетонирал идентитетот, туку му додал и арматура. Ќе се обидам да му одговорам: Не така одамна, на палтото пред Владата, институцијата што треба да го симболизира идентитетот, Заев заедно со неговиот нов пријател се срамеа да слушаат дека „Денес над Македонија се раѓа” и дека „Македонците се борат за своите правдини”. Господине Заев, вашиот идентитиет се урна како кула од карти, како стиропор – рече Мицкоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот