Силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала го погоди Токио, повредени најмалку 17 лица

Земјотрес /Фото: МИА

Силен земјотрес со јачина од 6,1 степен, според податоците на Јапонската метеоролошка агенција, денеска го потресе Токио, кога најмалку 17 лица беа повредени, а возовите и метрото беа запрени.

Официјалните лица изјавија дека не е направена поголема материјална штета и дека не постои опасност од цунами.

Американскиот геолошки институт USGS процени дека земјотресот бил со јачина од 5,9 степени, пренесува агенцијата Франс прес.

Јапонската метеоролошка агенција објави дека епицентарот на земјотресот бил во префектурата Чиба, источно од Токио, на длабочина од 80 километри. Земјотресот се случи во 22,41 часот по локално време (15,41 по средноевропско време).

Земјотресот беше почувствуван во голем дел од источна Јапонија, тресејќи ги зградите и активирајќи знаци за тревога на телефоните на жителите за да ги предупреди да се оддалечат.

Сообраќајот на супер експресниот воз „Шинкансен“ кој оди кон Токио е привремено во прекин, објави јавната телевизија НХК.

Државниот службеник Хироказу Макуно изјави дека не се забележани аномалии во нуклеарните капацитети во таа област.

Тој рече дека вкупно 17 лица се повредени, од кои едно лице потешко повредено.

Токиската електрична компанија објави дека околу 250 домаќинства во центарот на Токио привремено останале без електрична енергија, пренесува АП.

Пожарникарите изјавија дека подземните водоводни цевки биле оштетени на десетици локации во Токио, а водата истекла од земјата во една населба.

Новиот премиер Фумио Кишида објави порака на Твитер во која ги повикува луѓето да ги проверат најновите информации и „да преземат акција за заштита на нивните животи“.

Тој рече дека тоа е најсилниот земјотрес во Токио од март 2011 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот