Сијарто: Македонија најдоцна до јуни да започне преговори со ЕУ, важно е на Западен Балкан да владее мир и соработка

И честитам на Северна Македонија што минатата недела доби согласност за започнување на преговорите со ЕУ и што станавте 30-та членка на НАТО. Ние во Европскиот совет ќе се обидеме да издејствуваме најдоцна до мај да ја затвориме рамката за преговорите и најдоцна во јуни да започнеме со самите преговори. Ние многу добро знаеме колку е важно на Западниот Балкан да владее мир и меѓусебна соработка и овие работи не приближуваат кон тоа, изјави денеска шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто кој се наоѓа во посета на Скопје, по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Шефот на унгарската дипломатија информира дека донел донација за здравствените служби во земјава, со цел подобро справување со кризата предизвикана од коронавирусот, а во контекст на тоа се осврна и на прашањето со мигрантите.

– Не смееме да заборавиме ни во рамки на предизвиците од кризата со коронавирусот дека е друг огромен предизвик. И миграциски притисок на турско-грчката граница и натаму е многу сложена ситуацијата. Унгарските полицајци заедно со македонските полицајци на границата само во оваа година спречиле најмалку 5.600 обиди за илегален премин. Ние сме многу горди на нашите полицајци бидејќи во различни ротации преку 1.300 унгарски полицајци служеле на македонско-грчката граница и му нагласив на мојот колега Димитров дека и натаму Македонија може да смета за помошта на унгарските полицајци, рече Сијарто.

Тој истакна дека Унгарија води одговорна политика кон соседите и веќе обезбедиле помош за Словенија, Хрватска и Србија, и сега, како што рече, за Македонија, бидејќи ако овие држави ослабнат во кој било поглед тогаш и нивните капацитети за одбрана се намалуваат и доколку во таква состојба се соочат со еден миграциски притисок тогаш во тој случај нема да можат да го запрат тој притисок.

– Ние имаме огромен интерес со тој миграциски притисок да се справуваме што подалеку од нас, рече Сијарто.

Шефот на унгарската диполоматија истакна оти успеале да ја донесат помошта затоа соработката со Унгарија и Кина постојано и многу ефикасно функционира и постојано пристигнува медицинска опрема на територијата на Унгарија.

– Ние во изминатата недела фактички купивме од Кина една фабрика за производство на оваа опрема која ќе произведува заштитни маски. Веќе машините се инсталирани и многу бргу ќе започне и производството, така што е возможно на Северна Македонија да и пружиме и конкретна помош, посочи Сијарто.

Во однос на солидарноста меѓу земјите членки на ЕУ за справување со корона кризата, Сијарто вели дека по совладувањето на вирусот ќе мора да се извлечат поуки за тоа како тоа функционираше и дали не функционираше солидарноста на ЕУ.

– Започнувате преговори со ЕУ затоа не би сакал да ви ја одземам волјата за зачленување во Унијата, но во поглед на борбата против коронавирусот е докажано дека најдобро функционираат оние одговори кои секоја  држава за себе ги носи. За жал, координацијата помеѓу државите членки на ЕУ беше многу бавна и затоа државите беа оставени на тоа лично да се борат. Се разбира, ние ги поддржуваме сите настојувања на ЕУ на државите од Западен Балкан да им пружиме што поефикасна помош. Се разбира, ние го поддржуваме и тоа ЕУ на Северна Македонија да и пружи што поголема помош. Она што е факт тоа е факт, секоја европска држава, скоро и секоја држава во светот на различен начин се бори бидејќи имаат различни системи, здравствени системи и користат различни средства за борба против коронавирусот, оцени Сијарто.

Според него, сега најмногу се зборува за здравствениот фонд, но има друг фронт каде што економската политика мора да се прилагоди.

– Ние вчера на седница на нашата Влада донесовме еден економски план во кој одговори се даваат на национално ниво и дека доколку ЕУ може тука да придонесува нешто за справување со економската криза тоа е само добро. Се надевам дека овие преговори ќе бидат ефикасни. Според мене, ЕУ има најважна задача во овој поглед да ги прилагоди своите закони во врска со економијата и да ги прилагоди така да тие на најголем можен начин ги поддржуваат извозот и странските вложувања во своите држави, рече Сијарто.

Димитров од своја страна рече дека во време на глобална пандемија на вирусот КОВИД-19 и ригорозни здравствени мерки насочени кон спречување на ширење на коронавирусот и заштита на граѓаните на јавното здравје практично во целиот свет, средбите со неговите колеги се реализираат и под вонредни услови.

– И во вакви услови со мојот драг колега Петер сакаме да потврдиме дека сериозно сме посветени на солидарноста и соработката меѓу Северна Македонија и Унгарија заедно да го надминеме овој заеднички предизвик и кризата со која се соочува и нашиот континент Европа и пошироко. Со таа цел е и денешната посета и помошта што стигна заедно со министерот Сијарто од Унгарија за која што сме благодарни, рече Димитров.

Посочи дека тесната координација и соработка на регионално ниво и со ЕУ ќе бидат важни фактори за соочување со коронавирусот.

– Сакам исто така да му се заблагодарам на Петер и за поддршката во однос на нашите тридецениски аспирации да се зачлениме во НАТО. Скоро се видовме преку видеоконференција на неодамнешниот министерки состанок на Северноатлатнскиот совет, а сакам да му се заблагодарам и за поддршката за конечно добивање политичка одлука од страна на ЕУ да ги почнеме пристапните преговори. Имавме еден многу конкретен телефонски разговор ден пред одржување на Советот за општи работи на ЕУ. Сакам да му се заблагодарам за сето ова, за тоа што е тука лично во период полн со предизвици и вонредни околности, мислам дека оваа посета зборува многу повеќе од зборови во смисла на пријателството и посветеноста, заклучи Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот