„Чувај се, драг пријателе“, му порача Си на Путин по средбата во Москва

Foto: EPA

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг потпишаа два договори за продолжување на нивното стратешко партнерство до 2030 година, при што руската државна телевизија ја емитуваше церемонијата одржана во Кремљ.

На вториот ден од посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва, двајцата лидери ги продолжија разговорите на високо ниво. Си го покани Путин да го посети Пекинг оваа година. Рускиот претседател Владимир Путин денеска повторно се сретна со својот кинески колега Си Џинпинг за време на Москва.

Путин, кој во услови на инвазијата на Украина беше прилично изолиран на меѓународната сцена, рече дека двајцата лидери потпишале големи договори за проширување на нивната стратешка соработка, како и за зголемување на руските енергетски испораки за Кина.

„Двете изјави што ги потпишавме целосно ја одразуваат посебната природа на руско-кинеските односи, кои се модел на вистинско партнерство и стратешка интеракција“, рече Путин.

По средбата, Путин ги поздрави разговорите како „успешни и конструктивни“, додека Си ги опиша како „отворени и пријателски“.

Рускиот претседател ја промовираше способноста на неговата земја да ги задоволи кинеските енергетски потреби. – Рускиот бизнис е во состојба да ја задоволи зголемената побарувачка на Кина за пренос на енергенси, рече Путин, додавајќи дека се работи на нов гасовод што ќе ги поврзува двете земји, кој во иднина би можел да транспортира до 50 милијарди кубни метри гас годишно.

Трговијата со Кина е важна замена за Русија по губењето профитабилни договори со земјите од ЕУ. Кина ќе добие попуст за купување на енергија, пишува Дојче веле.

Од своја страна, кинескиот лидер зборуваше за зајакнување на деловните врски меѓу двата соседа.

„Предлагам зајакнување на нашата координација и соработка, рече Си. – Се гледа раната жетва на (нашата) соработка, а понатамошната соработка се унапредува“, додаде тој.

Кинескиот претседател, кој е еден од ретките светски лидери што ја посети Москва откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина минатата година, му понуди возвратна покана на Путин да го посети Пекинг подоцна во годината. – Ве поканувам да ја посетите Кина што е можно поскоро, рече Си, притоа упатувајќи ја поканата и до рускиот премиер Михаил Мишустин.

Поканата доаѓа набргу откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин поради наводна депортација на деца од Украина, но ниту Русија, ниту Кина, а ниту САД – не ја признаваат јурисдикцијата на судот, што значи дека посетата на Пекинг нема да го стави Путин во каква било опасност.

Си Џинпинг на заедничката прес-конференција со Путин рече дека Пекинг има непристрасен став за конфликтот во Украина и дека го поддржува мирот и дијалогот. Тој рече дека Кина е на вистинската страна на историјата по прашањето за Украина. Си потенцираше дека неговата влада е за активно помирување и секогаш е за мир и дијалог.

Си, исто како и Путин, ги спомна трговските односи меѓу Русија и Кина. Тој вели дека фокусот ќе биде ставен на растот на три области: трговија со енергија, трговија со суровини и трговија со електроника.

На заедничката прес-конференција, Путин рече дека Западот се бори до последно во Украина. Тој додаде дека Москва ќе реагира на најавата дека Британија во Украина ќе испрати оклопни проектили кои содржат осиромашен ураниум.

„Западот се уште не е подготвен за кинескиот мировен план за Украина. Мировните предлози на Кина би можеле да се искористат како основа за решавање на конфликтот во Украина кога Киев и неговите западни сојузници ќе бидат подготвени“, заклучи Путин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот