Си биле Босанец, Полјак и Американец во Германија и се ујдисале да ограбуваат пензионери
Нермин М., 45-годишен државјанин на Босна и Херцеговина, е обвинет дека бил член на меѓународна криминална група која измамила и ограбила неколку постари луѓе во Берлин и Баварија.
Бандата од неколку членови, меѓу кои и Американецот Џими К. и Полјакот Северин В., целела на пензионери, а криминалците лажно се претставувале како банкари и полицајци. Во судот во Берлин моментално се одржува судењето на обвинетите каде им се суди за тешки кражби и измами, пренесува „Вијести“.
Според информациите, обвинетите користеле софистицирана тактика за да стигнат до своите жртви. Тие прво им се јавувале на постарите луѓе, претставувајќи се како вработени во Централната банка на Германија и барајќи потврда за големи парични трансакции. Во случај жртвите да негираат какви било отстапувања во состојбата на нивните сметки, повикот би продолжил со претставување како припадници на криминалната полиција. Тогаш еден од членовите на бандата, како Нермин М., доаѓал во куќата на жртвата, претставувајќи се како полицаец и со лажна лична карта за да ги измами пензионерите.
На овој начин, Босанецот успеал од една жртва да украде 10.000 евра, додека други членови на бандата вршеле слични кражби. Ограбени се вкупно 43.900 евра, како и вредни монети и накит. Според обвинителството, пријавениот постапувал координирано со ист начин на работа и успешно измамил повеќе постари луѓе. Измамите се извршени во април и мај годинава.
По меѓународната истрага која вклучувала телефонски надзор и соработка на полските власти, обвинетите беа уапсени во средината на мај. Џими К., кој наводно бил водач на бандата, би можел да биде осуден на шест години и четири месеци затвор, додека Нермин М. би можел да добие пет години и два месеци. Северин В., кој бил пониско во хиерархијата и служел како возач, се соочува со затворска казна од две до три и пол години.
Доколку обвинетите одлучат да ги признаат делата, постои можност да добијат полесни казни. Судскиот процес се очекува да заврши наскоро, а пресудата треба да биде изречена во наредните месеци.