Шведско истражување: Луѓето живеат подолго, но во полоша здравствена состојба

Возрасен човек, пензионер, старост
Фото: Pexels/Matthias Zomer

Луѓето живеат подолго од кога било досега. Од 1950 година до денес, просечниот животен век на глобално ниво се зголеми од 47 на 73 години. Оваа извонредна работа беше постигната со намалувањето на сиромаштијата и искоренувањето на болестите. Но, во земјите чии граѓани сега живеат во своите поодминати години, се поставува комплицираното прашање: „Дали, всушност, го продолжуваме животот или само ја одложуваме смртта?“, пишува „БигТинк“.

Да се ​​продолжи животот или да се одложи смртта?

Тим истражувачи од Институтот Каролинска во Шведска го поставија токму ова прашање во својата нова студија, која неодамна беше објавена во „American Journal of Public Health“. Демографот Маркус Ебелинг и неговите колеги користеле големи јавни бази на податоци за да го следат текот на сите смртни случаи кај луѓето над 70 години во Шведска помеѓу 2018 и 2020 година, фокусирајќи се на последните 12 месеци од животот на пациентите. Пред сè, тие сакаа да знаат како умираат повеќето постари луѓе.

Дали умираат брзо и ненадејно или тешко и долго? Дали умираат дома, физички подготвени и психички сочувани до крај? Или умираат во институција, оштетени и зависни од нега во последните години? Трагично, се чини дека сè повеќе спаѓаат во втората категорија.

„Две третини од сите смртни случаи биле придружени со опсежна нега во текот на последната година од животот, а најмалку половина бараше дополнителна медицинска нега. Повеќето смртни случаи денес не се во согласност со она што вообичаено се нарекува ‘убава’ смрт“, велат истражувачите.

Ебелинг и неговите колеги, исто така, откриле дека продолжената нега на крајот на животот е почеста кај оние над 83 години, очекуваниот животен век во Шведска, што покажува дека луѓето кои живеат подолго – умираат подолго, имаат поголема веројатност да подлежат на различни медицински состојби и физиолошки оптоварувања.

Фото: Pexels/Andrea Piacquadio

Очекуваниот животен век во однос на здравјето

Ова откритие го привлекува вниманието кон често дискутираниот јаз помеѓу животниот век и здравствениот век на човекот. Животниот век е колку долго некој живее, а здравствениот век е колку долго некој живее во добро здравје, без хронични болести и инвалидитет. Идеално, тие треба да бидат речиси еднакви. Всушност, како што се зголемуваше животниот век на човекот во последните педесеттина години, очекуваното траење на здравиот живот не го одржа темпото. Анализите укажуваат на моментален јаз од 10 до 15 години меѓу животниот и здравствениот век на луѓето во Соединетите Американски Држави.

За жал, она што може да го направи грижата за крајот на животот е да го продолжи животот, но со мала здравствена корист. Лековите и процедурите кои ги третираат основните медицински состојби кај постарите лица често се попречени од фактот дека здравјето не може да се врати во целост.

На крајот, најдобриот начин да се зголеми животниот век и да останеме независни од помош до самиот крај е да се спречиме да влеземе во таа состојба. Тоа значи здрав начин на живот – правилна и здрава исхрана, воздржување од пушење цигари, умерено пиење алкохол, одржување социјални контакти, одржување ментална кондиција и, пред сѐ, физичка активност. Би било идеално ако се задржат овие навики и во третата доба.

Фото: Pexels/T Leish

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот