Швајцарскиот дневен весник „Ле Матан” пишува за оставката на Заев

Весникот понатаму потсетува дека Зоран Заев во 2017 година „ја урна од власта десничарската партија на Никола Груевски”.

Премиерот на Северна Македонија, социјалдемократот Зоран Заев поднесе оставка во пресрет на вонредните парламентарни избори во април, кои беа распишани откако Европската Унија го одложи започнувањето на преговорите за членство на земјата, што беше сржта на неговата политика, наведува швајцарскиот дневен весник „Ле Матан” на својата интернет страница.

Како што јави дописникот на МИА, весникот наведува дека одлуката на ЕУ во октомври да не започне преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија, поради притисок на Франција, предизвика бран на разочарување на Балканот.

– Разочарувањето беше особено големо во Северна Македонија, каде премиерот Зоран Заев ја вложи целата своја политичка тежина во унапредување на европскиот пат на неговата земја, пишува швајцарскиот весник.

„Ле Матан” наведува дека веднаш по европската блокада, социјалдемократскиот премиер најави распишување предвремени парламентарни избори за 12 април, со цел да побара од гласачите да ја потврдат неговата политичка стратегија.

Во согласност со законот тој денеска ја потпиша својата оставка со цел да отстапи место на влада одговорна за вршење на работите до изборите. Оваа техничка влада, која е составена од мнозинската коалиција и опозицијата, треба да биде предводена од Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи во Владата на Заев. Парламентот треба да го одобри назначувањето на овој кабинет во текот на денот, нагласува „Ле Матан”.

Весникот понатаму потсетува дека Зоран Заев во 2017 година „ја урна од власта десничарската партија на Никола Груевски”.

– Никола Груевски владееше со земјата една деценија пред да биде сменет, опкружен со афери за корупција, злоупотреба на службената должност и нелегално прислушување, по што побегна во странство, додава весникот.

„Ле Матан” истакнува дека и покрај жестокото противење на националистите, Заев „започна сложен и политички ризичен процес за промена на името на својата земја, која претходно се викаше Македонија, со цел да се стави крај на долгиот спор со Грција”.

– Брисел инсистираше на оваа промена, ветувајќи дека поранешната југословенска република ќе биде наградена за тоа, истакнува „Ле Матан”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот