Швајцарски весник: Западот губи на Балканот

Фото: МИА

Европската Унија повеќе не нуди уверлива перспектива за проширување на Балканот. Тоа го намалува влијанието на Западот, а го засилува влијанието на другите земји, пишува швајцарскиот весник „Neue Zürcher Zeitung“.

– Само една недела откако Европската Унија поради ветото на Франција го одби почетокот на преговорите со Албанија и Македонија, претседателката на владата на Србија, Ана Брнабиќ, во Москва потпиша договор дека нејзината земја и руската Евроазиска економска унија ќе водат слободна трговија – констатираат од весникот.

Авторот Фолкер Пабст констатира дека нема сомненија оти „ЕУ и Западот значително ја загубиле довербата и можноста за влијание на Балканот“, и со тоа е овоможено поголемо влијание на Русија, Кина и Турција, пренесе„Дојче веле“.

„Neue Zürcher Zeitung“ потсеќа дека Русија пред сѐ е популарна кај православното население и дека таа се претставува како чувар на конзервативните вредности и противтежа на Западот, дека Турција е поврзана со муслиманското население, како и дека „Туркиш ерлајнс“ има подобри врски со овој регион во однос со било кој друг авио-превозник. Се напоменува и дека турските серии се мегапопуларни во овој регион, а Кина пак настапува пред сѐ како инвеститор.

– Засилувањето на влијанието во овие земји во себе крие реални ризици за Балканот. Москва се бори против западното влијание во тој регион, особено против она на НАТО. Русија притоа одлично умее да ги инструментализира историските црти на раздвојување и латентната нестабилност во реигонот. Анкара во одредена смисла го извезува своито поимање на правната држава и сѐ повеќе бара помош при прогонот на противниците на нејзината влада. Големите проекти кои ги финансира Кина, а до кои често се доаѓа со помош на корупција, имаат потенцијал да ги поткопаат стандардите на правната држава – стои во забелешките на авторот Пабст.

Сепак, авторот на текстот не смета дека се големи изгледите балканските земји да се свртат кон Москва или Анкара, и напоменува дека обемот на надворешната трговија на тие земји со Русија изнесува само шест отсто, додека обемот на трговијата со ЕУ е 73,5 проценти. Се додава и дека поголемиот дел од жителите тежнеат кон западниот начин на живот, што се забележува по иселувањето од Балканот во земјите на Западот, а не во Русија.

„Neue Zürcher Zeitung“ укажува и на тоа дека Москва, Анкара и Пекинг не делуваат заеднички, туку имаат различни интереси на Балканот.

– Иако Истокот не му претставува сериозна конкуренција, Западот губи на Балканот, а со тоа и оние делови на тамошното население кои сакаат своите држави да ги модернизираат и демократизираат. Затоа, во иднина ќе биде уште потешко да се унапредат вредностите како што се правната држава, демократијата и либералната пазарна економија, а со тоа да се допринесе до долгорочна стабилизација на овој европски регион кој најмногу е оптеретен со конфликти – завршуваат од швајцарскиот весник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот