Швајцарија – Темното минато на вечно неутралната држава

Швајцарија знаме/ Фото EPA-EFE/JEAN-CHRISTOPHE BOTT

Во екот на преиспитувањето на расистичкото и на колонијалното минато на многубројни важни историски личности, на своето темно минато се сетија и швајцарските граѓани.

Тешко е да се замисли дека вечно неутралната Швајцарија, која не учествувала во ниту една војна и која изолирана во Алпите ја развивала својата култура и економија, а притоа е и земја без излез на море, би можела да биде сметана за држава која почива на добрата ограбени во текот на колонијализмот.

Во САД, Британија, Франција, Белгија и Холандија, организацијата „И црните животи се важни“, помогната од други организации за борба на човековите права, организираше многубројни масовни демонстрации обидувајќи се да го натера естаблишментот да се соочи со мрачната историја на робовладетелството, трговијата со робови, како и ограбувањето на добрата на земјата на домородните народи, кои биле колонизирани од овие земји. Притоа, бројни споменици беа урнати во градовите, кои некогаш биле подигнати на значајни историски личности, но кои воедно биле дел од робовладетелскиот и колонијалниот систем.

Швајцарците во минатото не колонизирале ниту една земја, но според податоците што неодамна излегоа на виделина, нивните банки финансирале во бизниси ширум колониите, кои опстојувале на робовски труд.

Историската личност која е во фокусот е Алфред Ешер, „таткото на модерна Швајцарија“, воедно и најбитната личност во историјата на оваа земја.

Банкари на трговците со робови

Поради моќта која успеал да ја приграби во текот на својот живот, Алфред Ешер од непријателите бил нарекуван Кралот Алфред Први. Огромната бронзена статуа во центарот на Цирих, која неговите сонародници ја подигнале во негова чест, е воедно и најголемиот споменик во земјата. Тој бил политичар, но и мошне успешен претприемач. Заслужен е за изградбата на железничката мрежа во Швајцарија, го основал и првиот Универзитет, но и ја покренал Кредит свис, една од најголемите и најпознатите банки во светот.

Неодамна беше објавено истражување што открива проблематични врски на Ешер со трговијата и експлоатацијата на робови. Неговото семејство поседувало плантажа за кафе на Куба, на која имало повеќе од 80 робови, а самиот Ешер го реализирал нивното купување.

Но, Ешер не е единствениот што поседувал, купувал или продавал робови во Швајцарија. Доказите кои допрва се пронаоѓаат, укажуваат на тоа дека Швајцарија била една од движечките сили на трговијата со робови. Податоците откриваат фрапантни бројки, за тоа дека бродовите финансирани од швајцарските банки, од Африка во Америките пренеле повеќе од 170.000 робови. Градот Берн во еден момент е најголемиот акционер во британската „Саут си компани“, позната по масовна трговија со луѓе. Градот Цирих, исто така бил акционер во оваа компанија и финансиски бил инволвиран во депортацијата на 35.000 робови.

Од ова лесно може да се заклучи дека Швајцарија иако немала колонии, има колонијално минато.

Човекот кој најмногу се посвети на разоткривањето и на обелоденувањето на колонијалната историја на Швајцарија е активистот за човекови права Ханс Фаслер. Тој откри дека делувањето на организацијата „И црните животи се битни“, многу му ја олеснила работата.

– Дури и историчарите се чудеа кога ќе ги прашав дали Швајцарија е колонијална сила. Сепак, во последната деценија работите почнаа да се менуваа и луѓето полека почнаа да ги прифаќаат непријатните вистини за своите предци. Очекувам новата генерација историчари да се посвети на оваа тематика со цел да се испита нашата улога во немилите настани од минатото – вели Фаслер.

Прикриен расизам

Марсел Бренгард е еден од ретките историчари што смело почнале да ги истражуваат врските на Швајцарија со трговијата на робови и колонијализмот. Тој вели дека е изненадувачки колку многу жителите на неговата земја биле поврзани за трансатлантската трговија на робови.

– Луѓето доаѓале во врска со ропството на различни начини. Пронајдовме податоци за војници што ги обезбедувале бродовите за транспорт на робовите, потоа сопственици на плантажи, цивилни лица, свештеници, па дури и еден капетан што се борел во Американската граѓанска војна – вели Бренгард.

Историчарот изненади многумина кога откри дека робови биле носени и во Швајцарија, како слуги на богатите.

– Постојат документирани и потврдени случаи, кога некој од сопствениците на плантажите се враќале назад во Швајцарија, заедно со нив ги носеле и своите робови. Засега не знаеме колку оваа практика била честа, а единствените документи со кои располагаме се административните белешки кои се потпишувале по обврзувачката крштевка на секој новодојденец во земјата – додава Бренгард.

Затоа и никој не беше претерано изненаден кога илјадници луѓе во текот на летните месеци протестираа низ улиците на Цирих, но и на другите големи швајцарски градови.

– Во Швајцарија има скриен, институционален расизам – пред демонстрантите тогаш застана црномурестата Јувики Дио, која потсети дека бројни мурали на стаклениците на старите згради во Цирих сведочат за расизмот на земјата и погрдниот однос кон луѓето со темна боја на кожата, а впечатливо е и дека бројни улици во градот константно потсетуваат на темното минато.

Градоначалничката на Цирих, Корине Маух, ги поддржа активистите, ветувајќи дека наскоро градот ќе се обиде да ги избрише трагите на расизмот.

– Колонијализам без колонии е нашето заедничко минато. Ќе мора да научиме да се справуваме со тоа – посочи Маух.

Во моментов работна група утврдува дали споменикот на Ешер, како и на 25 други битни историски личности треба да бидат отстранети од јавниот простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот