Штутгарт ја одреди цената за Чурлинов, на потег е Шалке

чурлинов
Дарко Чурлинов имаше значаен придонес во успехот на Шалке/Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Шалке кој се враќа во Бундеслигата, ќе треба да плати три милиони евра доколку сака да ги задржи услугите на македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов.

Позајмен од Штутгарт без откупна клаузула, 21-годишниот крилен напаѓач треба да се врати во матичниот клуб на крајот на месецот.

Нашиот играч имаше придонес во големиот успех на тимот од Гелзенкирхен да биде повторно дел од германската фудбалска елита, а и самите навивачи се импресионирани од неговите игри.

Германскиот фудбалски магазин „Кикер“ објави дека Штутгарт бара три милиони евра надомест, а ова може да се покаже проблематично бидејќи спортскиот директор на Шалке, Рувен Шредер веќе се обидува да ги купи позајмените Ко Итакура и Донг-гјонг Ли.

Исто така, има информации дека Шредер има за цел да инвестира еден милион евра во нов лев бек.

Чурлинов постигна два гола во Бундеслига 2 и запиша уште седум асистенции во дресот на Шалке.

Видео на денот