Штом ќе се отворат границите, келнерите и готвачите ќе заминат на печалба?

Ресторан,угостители /Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Со отворањето на границите и сѐ помасовната вакцинација, туристичката индустрија во земјава, но и во регионот и светот, се „буди“ по пандемискиот сон, а тоа ќе ја раздвижи и побарувачката на квалитетен и едуциран кадар.

Добар дел од работодавачите во хотелската бранша ги задржаа своите вработени, на што ги обврза доделената државна помош за плати, а угостителите велат дека со зголемувањето на работата, ќе се враќаат и оние лица што беа отпуштени или пратени на одмор. Сепак, присутни се стравувањата дека повеќето од оние што во претходните години беа на печалба во Хрватска, Црна Гора или на Малта и сега ќе извадат „билет во еден правец“, на што уште сега покажуваат одредени најави.

Речиси 80 отсто од вработените во поголемите хотелите на Охридско-струшката ривиера ги задржаа своите места, што не беше случај во помалите угостителски објекти во останатиот дел од државата, вели за „Слободен печат“ Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ.

– Нашата обврска со финансиската помош од државата ја исполнивме и речиси и да не отпуштивме никого, а како што ќе се зголемува обемот на работа, така ќе вработуваме и сезонци. За нас беше добар момент што најголемиот дел од оние што низ годините работеа во Хрватска и во Црна Гора, се вратија дома и откако го потрошија заработеното, побараа работа кај нас. Се надевам дека добар дел од нив и ќе останат, бидејќи стравот од пандемијата насекаде го пролонгира стартот на туристичката сезона. Во хотелската бранша има широка лепеза сезонски работни места, а во екот на сезоната секако ќе има зголемена потреба од квалитетен кадар – објаснува Блажевски.

И Мартин Ангеловски, претседател на Туристичко-угостителската комора при ССК, се согласува дека побарувачката на келнери, готвачи, шанкери, ќе зависи од обемот на работа.

– Угостителскиот сектор беше најпогоден од пандемијата, но и покрај сите проблеми, добар дел од сопствениците на ресторани и кафулиња го задржаа својот кадар. Сега сѐ ќе зависи од обемот на работа, ќе се работи во две смени, работното време е подолго, па така и ќе вработуваме. За жал, дел од оние што беа отпуштени и побараа други вработувања, ќе мора да се заменат со нови работници, на кои ќе им треба обука – оценува за „Слободен печат“, Ангеловски.

Според Здравко Јосифовски, претседател на НУК, во изминатава деценија Македонија и регионот се соочуваат со недостиг од квалитетно едуциран угостителски кадар. За многумина работата во оваа бранша е привремена, па поради тоа угостителите се принудени постојано да обучуваат нови и нови лица, на кои „око не им трепнува“ да ја напуштат работата и среде смена, дециден е Јосифовски во изјавата за „Слободен печат“.

– Келнерите се „првото лице“ во угостителството. И ако тие не си ја знаат или не си ја сакаат својата работа, вината ја сносат работодавачите. Работата како келнер или шанкер некои ја сфаќаат само како потреба од екстра пари. Па, така, ќе поработат за дневница по неколку денови и си заминуваат на друго место и тоа постојано се случува. Дел од колегите се жалат дека деновиве дел од вработените им заминуваат среде смена, иако се пријавени и земаат редовна плата. Се плашам дека ваквата појава ќе добива на интензитет, како што ќе се отвораат туристичките центри во регионот. Да не заборавиме и дека крузерите повторно сообраќаат, а таму оди најквалитетниот туристички кадар од земјава. Цела година ги задржавме вработените, иако бевме затворени, а сега повторно ќе мора да се снаоѓаме – додава Јосифовски.

Околу 6.500 угостителски објекти и 35.000 работници во секторот беа директно погодени од рестриктивните мерки поради пандемијата. Статистиките на Синдикатот за угостителство и туризам посочуваа дека 20 отсто од вработените во овој сектор работат во сивата економија. Како помош за секторот во изминатите пакети, Владата обезбеди дополнителни средства на Развојната банка на Северна Македонија за бескаматни кредити, а компаниите користеа средства за исплата на минимална плата од 14.500 денари за вработен.

Свадби ќе може да организираат кон крајот на месецов

На крајот на мај и на почетокот на јуни ќе може да се организираат свадбени прослави, изјави министерот за економија Крешник Бектеши за емисијата „Клик плус“. Според него, доколку продолжи ваквата епидемиолошка ситуација, тогаш крајот на мај или на почетокот на јуни ќе се отворат и рестораните за свадби според протоколите што ќе бидат одобрени.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, соопшти дека епидемиолошката слика во земјава се подобрува, но рано е да се повлечат сите мерки. Тој смета дека е рано да се дозволи одржување свадби и организирање концерти, но најави дека во текот на оваа недела ќе има и состанок со претставниците на организаторите на настани. Тој рече дека засега дозволено е да се одржуваат настани како состаноци, едукативни курсеви и слично.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот