Што значи падот на руското „сајбер зло“?

Џабир Дерала. / Фото: Слободен печат

Непознато (за пошироката јавност) е и дали руското „сајбер зло“ е под директна контрола на Путин или е само интернет разбојничка банда што ужива во неказнивоста на рускиот државен апарат.

На 13 јули, паднаа серверите на руското „сајбер зло“. За што се работи? Да почнеме од малку подалеку, ама да не отидеме предалеку…

Познат е рускиот „дипломатски“ став дека сè што е лошо за Европска Унија и САД е добро за Русија. Од природни непогоди, до поларизација, политичка и економска нестабилност, радикализација, немири и насилства – сето тоа се состојби и настани кои за руската авторитарна клика се „добри вести“. По долго време, оваа година се бележат првите успеси против авторитарните режими и меѓународното криминално подземје кои водат хибридна војна против демократијата.

Антизападните машинерии и меѓународните криминални мрежи (не само руските), вредно работат на поткопување на западните демократии на најразлични начини, меѓу кои највидливи и наjинтензивни се кампањите со дезинформации и сајбер нападите.

Светската јавност беше поделена дента кога, за време на Самитот Г7 на 16 јуни, се сретнаа двајцата претседатели, американскиот и рускиот. Едни сметаа дека тоа е многу значајна средба, други дека е само уште еден самит на врвот на светот од кој не може да се очекува премногу, трети дека е значаен, но преуранет, особено затоа што Бајден е претседател на САД одвај половина година.

Но, од самиот почеток на таа средба која траеше четири часа, светот можеше да забележи дека нешто, сепак, се променило. Рускиот автократ (или: диктатор, како што го нарекува опозицијата по дома) пристигна малку пред Бајден кој, пак, пристигна точно на време. Рускиот државник е познат по своето доцнење, од неколку минути до неколку часови, што е дел од неговата power game (игра на моќта). На прес-конференцијата по средбата со американскиот лидер, вообичаено студениот Путин покажа јасни знаци на умор и вознемиреност.

На најголемиот американски национален празник, Денот на независноста, 4 јули, руската дарк веб-мрежа наречена REvil спроведе еден од најжестоките во историјата на сајбер нападите (Ransomware Evil: ransomware – софтвер што се користи за уцени и изнудување, evil – зло). Меѓу 800 и 1.500 компании во САД и ширум светот беа нападнати на тој ден.

Пет дена подоцна, на 9 јули, Бајден во телефонски разговор го предупреди Путин дека ќе го возврати нападот. И дека ова е последната шанса за Путин да преземе чекори да се запрат сајбер нападите од руска страна. Запрашан од новинарка, дали ако Путин не преземе ништо во врска со сајбер нападите од руските сервери, тој ќе нареди контранапад, Бајден со насмевка кратко одговори: „Yes!“ (во превод: да!).

Дали по наредба на Путин или поради контранапад по наредба на Бајден, засега не е познато, но руското „сајбер зло“ исчезна на 13 јули наутро. Неизвесно е и дали може да се очекува руското „сајбер зло“ да се појави под ново име со уште поголеми капацитети и пожестоки напади. Непознато (за пошироката јавност) е и дали руското „сајбер зло“ е под директна контрола на Путин или е само интернет разбојничка банда што ужива во неказнивоста на рускиот државен апарат.

Едно е извесно. Хибридната војна влезе во нова фаза. Резултатите од „западната контраофанзива“ допрва ќе се почувствуваат и во останатиот дел од светот. Засега, прва жртва на политичко-безбедносниот одговор на руското „сајбер зло“ е REvil. И ова е само почеток.

Знаци за тоа дека хибридната војна навлезе во нова фаза се чувствуваат и во нашата земја. Одговорот доаѓа во вистински миг, затоа што наесен ни претстојат пописот на населението и локалните избори.

Преземено од Цивил Медиа

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот