Што значи да си девојка во спортот
Секое утро станувам во 5:45. Градот уште спие, мокрите улици се слабо осветлени. Се подготвувам за трчање. Ги облекувам патиките, го ставам шушкавецот и излегувам. Треба да истрчам 10 километри пред да почне денот. Така тренира вистински спортист, си велам. Но секој чекор ми е внимателен. Не користам слушалки зашто не смеам. Уште одамна научив дека за девојка утринските километри не се само спорт, туку и стратегија, да слушаш внимателно и да предвидуваш. Го наслушувам секој звук, се завртувам зад себе на неколку секунди.
Препорачано
Пред една година, токму кај кривината на кејот, двајца момци почнаа да ме следат. Прво мислев дека случајно одат во ист правец. Потоа почнаа да ми довикуваат. Успеав да побегнам зашто бев побрза од нив. Сега секојпат кога поминувам таму, телото ми реагира пред мозокот. Трчам брзо, држам камен во рака, внимавам на секое возило што забавува. Спортот треба да ме ослободува, а јас тренирам со стегнато тело и будни сетила. Никој не ја гледа таа тежина што ја носам додека „само трчам“.
—
Мојот татко отсекогаш веруваше дека еден ден ќе играм за државата. Тој ме носеше на тренинзи, ме учеше да бидам борбена и истрајна. Сега, кога конечно сум блиску да влезам во националниот женски тим, во мене се појави нешто што не би требало да постои во спортот – страв.
Веќе неколку месеци, тренерот ми испраќа пораки доцна навечер: „Многу си талентирана, да се видиме сами за да поразговараме за твојата иднина“. Јас одолговлекувам, измислувам изговори. Не сакам да ја саботирам кариерата, а не сакам ниту да бидам сама со него. Тешко е да се признае ваков страв. Која сум јас да одам против него? Тој само што доби висока државна награда, гостуваше и на телевизија. Еднаш пробав да кажам во клуб како се чувствувам, но ми рекоа дека „погрешно сум разбрала“. Затоа молчам. Тренирам напорно, избегнувам да го погледнам во очи или да го сретнам во ходникот кон салата. Се надевам дека ќе ме избере за националниот тим и дека нема да го разочарам татко ми.
—
Патувањето траеше повеќе од 16 часа. Нозете ми се вкочанија, грбот ме болеше, главата ми пулсираше. Се утешив дека ќе одморам во хотелот, ќе спијам како што треба и ќе бидам подготвена. Кога пристигнавме по полноќ, ми рекоа дека нема да одам во хотелска соба.
„Нема потреба, преспиј во комбе. Утре ќе се најавиме во хотел“.
Ниту збор за мојата форма, ниту прашање како сум, ниту малку грижа што мојот европски настап е за два дена. Спиев во ладно комбе, на тврдо седиште. Знаев дека ќе ми се одрази на резултатот и точно така се случи, крахирав на паркетот. Но најтешко ми беше што немав кому да му се пожалам. Ова се случи токму таму каде што требаше да се чувствувам најзаштитена, на меѓународно натпреварување, каде што ја претставував мојата држава.
На враќање, тренерот ме навредуваше со погрдни зборови: дека не сум достојна за клубот, дека барам изговори, дека сум разгалена и неспособна да се носам со притисокот.
Седев одзади во комбето, немоќно молчев и голтав солзи. Едвај чекав да стигнам дома, да ја фрлам спортската опрема и никогаш повеќе да не ја допрам.
—
Овие три приказни не се исклучок. Тие се систем. И затоа мора гласно да кажеме:
Сите спортски организации што сè уште немаат јасни политики и механизми за превенција и заштита од родово-базирано насилство треба итно да ги развијат и применат. Безбедната спортска средина не е луксуз и не е дополнителна вредност.
Сè додека не создадеме систем каде секоја девојка може да влезе во сала без страв за сопствената безбедност, не можеме да зборуваме за еднаквост и спорт достапен за сите.
(Авторката е експертка по спортска дипломатија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


