Што значеше „Маршот за правда“

Фото: Ерол Шаќири

Најблиската дефиниција за правдата е дека таа претставува вредносно начело кое одредува колку права и обрвски треба да се даде на субјектите во општествените односи.

Односот помеѓу правото и правдата била и ќе остане вечна дилема, и во анализирање на тој однос секогаш се поставува прашањето дали Правдата се набљудува како дел од законот (правото) или како морален суд на законот. Тие претставуваат две различни страни на една кованица кои имаат иста цел, ограничување на самоволието, а неретко едното го исклучува другото. Додека правото претставува склоп на закони со кои се ограничува самоволието на поединците и служи како принуден апарат на државата, правдата не е рационална категорија и не постои начин да се таа прецизно утврди или измери. Најблиската дефиниција за правдата е дека таа претставува вредносно начело кое одредува колку права и обрвски треба да се даде на субјектите во општествените односи. Многу мислители сепак заклучиле дека иако правдата спаѓа во традиционалните и општоприфатени вредности, во суштина таа има утописки карактер сврстена во редот на оние племенити категории на општествениот и политичкиот живот, веројатно никогаш нема во потполност да се достигне. За морална правда пак спрема која праведно е на другиот да се даде повеќе одколку самиот добиваш, посебно во нашето општество каде до израз доаѓа карактерот на човекот не како хуманитарно битие, туку како битие од интерес, подобро и да не зборуваме.

МОЌ БЕЗ ПРАВДА И ПРАВДА БЕЗ МОЌ

Со што се соочи нашето општество во изминатите десетина години? Блез Паскал вели „правдата без моќ е немоќна, а моќта без правда е тиранска“. За време владеењето на груевизмот ние бевме сведоци на моќ без правда. Таа политичка гарнитура стана толку моќна што успеа под своја контрола да ги стави сите власти, вклучувајќи ја и судската, како и скоро сите останати чинители на општествениот живот. Токму затоа и тој период го нарековме режим или мека диктатура, со еден збор груевизам. Во тоа време на апсолутна моќ без правда бевме сведоци на нарачани апсења на политичари, бизнисмени, новинари, нарачани уништувања на приватни имоти, затворање на медиуми, нарачани лустрации, рекетирање на приватни бизниси за кои актуелниот „Рекет“ е гола вода. Поради тоа долгогодишно самоволие и демонтрација на моќ во отсуство на елементарна правда се роди граѓанското незадоволство, се роди Шарената револуција, се роди паролата „нема правда нема мир“ која го мобилизираше поголемиот дел од општеството и на крај успеа да го урне режимот. Се потпиша Пржинскиот договор и како резултат на истиот се формираше Специјалното Јавно Обвнинителство кое имаше за цел да ја гони високата корупција и да ги истражува прислушкуваните разговори, популарните „бомби“. Тука настапува периодот на правда без моќ. Имено, уште на самото основање на СЈО, врвните експерти, посебно професорите Фрчковски и Калајџиев, познавајќи ја состојбата во судството популарно наречено „сваровски судство“ упатија сомнежи за успехот на специјалното јавно обвинителство во отсуство на специјален суд (идеја која беше отфрлена во стартот на пржинските преговори). На крајот се испостави дека нивните сомнежи биле реални. СЈО гонеше, обвинуваше, процесираше, додека судски рочишта се одлагаа до недоглед, притвори се доделуваа па укинуваа, судски одлуки недостасуваа, а таму кај имаше, повисоките судови истите ги укинуваа. Па се случи, олицетворението на режимот, на груевизмот, самиот Никола Груевски под сомнителни околности да избега од државата. Капак на се беа и обвинувањата за злоупотребата на самата институција СЈО од страна на неколку индивидуи, на чело со главната обвинителка Катица Јанева преку обвинението за „Рекет“ кое доведе до гасење на Специјалното Јавно Обвинителство. Додуша, правните експерти тогаш говореа дека СЈО не мора да згасне поради (не)делата на некој обвинител па макар бил тоа и главниот, сепак политичка волја за негово продолжување се немаше. Опозицијата тоа јавно го оспоруваше и опструираше носењето на тој закон, а мој впечаток е дека и власта немаше некоја посебна волја за донесување на тој закон, веројатно препознавајќи дека по случајот „Рекет“ институцијата ја изгуби довербата која ја уживаше од граѓаните, да не речам и легитимитетот. Целата енергија се сврти кон донесување на законот за Јавно Обвинителство кое пак според експертите направи правен преседан и ги превзема случаите дотогаш водени од СЈО. Укажувањата на екпертите беа дека без закон за ЈО, сите случаи сите потенцијални обвиненија би биле поништени од страна на Врховниот суд, а ултимативно од судот за човекови права во Стразбур. Сета надеж во тој момент беше насочена кон законот за ЈО.

КАКО СЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА ЈО

Законот се донесе како љуби опозицијата да каже „шверцерски“, во „5 до 12“. Зошто мораше сега да се донесе? Од две причини, првата е поради почетокот на преговорите со ЕУ кои се се поизгледни, посебно сега по носењето на законот, и второ и најбитно, ако сега не се донесеше немаше никогаш да се донесе. Понекогаш мора да бидеме и реални, за законот беше потребно двотретинско мнозинство, што според мене никоја идна влада нема да го има. Законот беше донесен со гласовите на „одбегнатата група“ или „амнестираните“ ако сакате, која броеше 8 пратеници. Иронично нели, тие што на 27 Април ја отворија „вратата на пеколот“ сега ја отворија „вратата на правдата“ и претходно „вратата на НАТО и ЕУ“ преку гласањето за промена на Уставот. А знаеме дека тој закон за амнестија разочара многу граѓани кои ја посакуваат правдата. Но, како што споменав, апосолутна правда е недостижна, политичкиот елемент не е етичка категорија, тој е борба на интереси кои понекогаш се поклопуваат. Што би рекол Ханс Келзен, кој на правдата и не и придава некое поголемо значење од она основното, затоа што во модерното општество постојат само интереси на различни политички групи и нивниот судир. Тој судир може да се реши на два начина, или ќе се задоволат интересите на едната група, на штета на другата или ќе се изнајде компромис каде ниедната страна нема да добие, но нема ни многу да изгуби. Да се надоврзам на правдата без моќ или желбата за правда без реална моќ. Не смееме да го заборавиме односот на силите во претходниот пратенички состав и што се највеќе криткуваниот Заев постигна со само 49 пратеници, до 80 има многу. До 2/3 стои интересот на албанските позициони и опозициони партии, интересот на помалите партии кои се дел од коалицијата, до 80 пратеници стојат некогаш и болни компромиси. На крајот се успеа, како така, но се успеа и покрај сите опструкции на опозицијата која постојано ја дефокусираше јавноста од собраниската говорница или преку медиумите заедно со нивните платени експерти. Целата нивна борба беше случаите на СЈО да пропаднат и ништо повеќе, немој да мислите дека тие се бореа за некаков идеален закон за ЈО. Пазете на еден момент за мене многу интересен, нивните експерти за овој закон поддржан од ЕУ и САД велеа дека е „катастрофален“ без притоа да дадат супстенцијални аргументи за тоа тврдење. Кога законот пак се донесе, по повторно гласање поради техничка грешка на Собранието, нивниот фокус оддеднаш се сврте кон тој момент, сега велејќи дека законот е нерегуларно донесен и со тоа ја замајуваа јавноста неколку дена. Сега да дојдам до крајот, а тоа е насловот.

ШТО ЗНАЧЕШЕ МАРШОТ ЗА ПРАВДА

Веднаш по донесувањето на законот Заев излезе на коференција за печат и повика на „марш за правда“ како тој го нарече. Веднаш се јавија негативни коментари, текстови, колумни исмевајќи го повикот. За мене лично запрепастувачки беа коментарите од некои луѓе кои длабоко ги почитувам. Коментари од типот „власта е во твои раце“, „вие сте криви за немање правда“, “вие добивте власт со паролата нема правда нема мир“ и таканатаму. Па чекајте да прашам, па зарем судската власт не е независна, односно зарем целата борба за правда не се базира на градење независно судтсво и ослободување на истото од политичките влијаниа? Ако оваа влада си постави за цел ослободување на судството преку не мешање во нејзинта работа, како е одговорна власта за судските (не)одлуки? Па зарем вие докажаните борци за независно судтсво очекувавте директно мешање на извршната власт, нарачување на обвиненија, спектакуларни апсења, местење на судии и таканатаму, зарем вие го очекувавте она што го гледавме 11 години? Што ќе речевте доколку така се случуваше, ќе бевте ли вие тогаш задоволни ако беше правдата задоволена на сметка на правото? Не луѓе, така не се гради правна држава, подобро да се случуваат неправди одколку на неправеден начин да се поправаат (Блез Паскал).

Затоа повикот за марш за мене симболизираше еден вид ослободавање на самиот Заев. Слушајќи го неговиот говор во кој имаше доза на лутина ми дава за право да мислам дека ни самиот тој не беше сигурен дека законот ќе се донесе, до последниот момент. Затоа и повикот за марш беше некако инстиктивен, три години најголемите критики се упатени токму на сметка на неспособноста на власта за справување со груевизмот, ослободување на оптштеството и институциите од истиот и консеквентно, немање правда. Со успехот да се законот донесе ја префрли топката на судските иснтитуции. Во правосудството секогаш постои некоја опасност, ако тоа не е законот, тогаш се судиите (Хенри Бордо). Сега законот е донесен, правна основа за конечно носење на правдата има. Сега останува на судиите, тоа беше пораката на маршот.

Правдата може да се гази, но само привремено. Кај нас тоа трае многу долго, но ние само така и заслуживме. Сепак, како напишав пред неколку месеци, лека полека системот ќе се исчисти од „штеточините“ кои се кријат позади своите функции. Луѓе наречени „превари“ нема вечно да бидат на тие функции, пратениците нема вечно да бидат пратеници и да се кријат позади пратеничкиот имунитет. Законот за ЈО, сигурно не е идеален, но е еден голем чекор напред во борбата за правда и правна држава, а фактот што е поддржан од ЕУ и САД и може да биде пресуден во одлуката за почеток на преговорите со ЕУ му дава уште една димензија.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот