Што ти е власт и авторитет!

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Нема што министерот англиски да се малтретира и да троши енергија – тој ладнокрвно бара од вработените сами да му ги исполнат желбите. Од петти или од петнаесетти, нема врска, има да се скока и ако треба и да се сече. Да се покаже самоиницијатива, а не да се чека со скрстени раце!

Вака, на прв поглед, изгледаше прилично  бледо, безначајно. Онака со костум, секогаш со бела кошула, никогаш не кажа нешто мудро, ама стана министер во владата. Поточно во владите. Прво, во онаа на Тереза Меј, кога како министер за надворешни работи беше на одмор кога војската му се повлекуваше од Авганистан, а луѓе умреа зашто не ги разгледал навреме документите за евакуација од Кабул оти документите не биле во формат што му се допаѓал (!). Па потоа, како министер за правда, па како министер за Брегзит каде што самиот си поднесе оставка признавајќи дека не го прочитал договорот од Велипеток (да, оној за Северна Ирска) прво лојален на, но потоа отпуштен од Борис Џонсон, па откачен и од премиерка на куси патеки Лиз Трас, тој реши да си ја земе отпремнината и покрај тоа што набрзо пак беше вработен, како министер за правда, а потоа и како заменик премиер.

Но, враќањето на Доминик Раб во владата (Рааб – се пишува со две „а“, ама се чита со едно), не беше дочекано со цвеќиња и со еуфорија. Напротив. Тој конечно го претера во сеење страва и ужас, а луѓето решија дека што е многу, многу е, и сега против него се води истрага за булинг. Односно мобинг. Односно малтретирање вработени.

Риши да реши

Засега има поднесено три официјални жалби против него од вработени во сите министерства низ кои поминал. Велат дека бил арогантен, суров и сиров, владеел навредувајќи и дека голем број му се плашеле – создадената атмосферата на страв во министерствата била речиси опиплива. Истрагата е во тек. Во зависност од неа, премиерот Риши Сунак треба да реши дали и тој ќе го отпушти, како што направија двајцата премиери пред него.

Ама изгледа во владата на конзервативците да ти имало повеќе насилници, малтретирачи и мобирачи, „булисти“ на англиски. Уште не стивнуваат реакциите за медиумската ѕвезда пред Доминик, Гавин Вилијамсон, поранешен министер за одбрана во владата на Тереза Меј,  а потоа висок член на владата на Риши Сунак. И против него се појавија многубројни поплаки, а врв беше текстот-порака помеѓу него и член на парламентот што ја објави весникот „Тајмс“, во која Гавин го прави пратеникот – партал! Па навреди, па пцуење, па омаловажување, па, па, па, па…

Потоа, се огласија службеници во владата кои изјавија дека Гавин редовно ги малтретирал, а врв било кога на едниот му кажал „да си го пресече вратот“, а на другиот „да скокне од прозорец“. Што ти е власт и авторитет! Ова ти е наредба, а не како што се закануваат вечните директори и претседатели на Балканите – „ќе те фрлам од прозорец, на клоци ќе те избркам, ќе те уништам…“! Нема што министерот англиски да се малтретира и да троши енергија – тој ладнокрвно бара од вработените сами да му ги исполнат желбите. Од петти или од петнаесетти, нема врска, има да се скока и ако треба и да се сече. Да се покаже самоиницијатива, а не да се чека со скрстени раце!

Со оглед на тоа што случајот се обелодени, се јавија и други измалтретирани, настанот доби публицитет, а Гавин виде-не виде, поднесе оставка. За првиот случај со текстот-порака немаше бегање, се извини. За вратосечењето и скокањето од прозорец се уште се води истрага, ама Вилијамсон е минато завршено време, а речиси сум сигурна дека вработените се: 1. пресреќни, 2. ќе добија отштета за претрпеното, макар и не добиле извинување од Гавин и 3. баш им е гајле, лесно дишат и плус 4. покажале самоиницијативност.

Прити вреѓачката?

Се провлече низ иглени уши поранешната министерка за внатрешни работи Прити Пател, онаа која, да и дозволеа, ќе правеше бранови на јужниот брег некаде кај белите карпи на Довер за да ги одврати и да ги врати кајчињата со азиланти од Франција кон Франција. Оваа, како и некои други налудничави идеи со британски бротчиња кои ќе удираат азилантски, не наидоа на разбирање во владата на Борис Џонсон, на која, патем, не и недостигаа неортодоксни идеи, ама овие сепак беа „ту мач“. Прити, исто така, стана позната како прилично нервозна, лошотилак, вреѓачка и малтретирачка и криците и жалбите на вработените стигнаа и до ушите на Борис. Кој реши да формира комисија за да го испита случајот на „булинг ин д хоум офис“. Се утврди дека Прити прилично претерувала, но се заврши со тоа што на дел од вработените им се даде можност, ако сакаат, да се префрлат во други министерства и владини оддели, БоЏо ја укори Пател, а таа му врати со тоа што, кога му требаше поддршка, му сврте грб.

Случаите на мобинг, булинг во највисоките ешалони на владата ја покренаа и дискусијата за малтретирањето на работните места на обичните луѓе и медиумите се наполнија, по којзнае кој пат, со совети како да се идентификува и да се менаџира оваа состојба. Од дефиницијата дека тоа е штетно однесување кон поединец или кон цела група на работното место кое може да биде злобно, навредливо, потсмешливо и заплашувачко. На пример, шеги на ваша сметка, намерни непрецизности во врска со работата, одбивање да ви се даде одмор без валидна причина, закани, понижувања и други вербални злоставувања, следења на секој ваш чекор, премногу строго и неправедно критикување. Не станува тука збор за фидбек, за конструктивна  критика од која треба да се задоволни и двете страни, за обостран бенефит и која ја носи и компанијата/институцијата и поединецот напред. Туку за девијација која може да уништи човечки животи, репутации и развој.

И, откако сите се согласија дека мобингот, за жал, постои на сите платформи, на социјалните мрежи, во речиси сите сфери на општеството, а владата тврди дека прави заложби и вложува средства за лоцирање и за менаџирање, некако не оди членови на таа влада да бидат еклатантни примероци на штетници. Од оној што шета како Дракула и плаши луѓе до оној кој малтретира и навредува и бара да се колат и да скокаат од прозорец. А тоа е само она што знаеме.

Навистина е чудно што Риши Сунак собра околу себе многу проверени контроверзни ликови. И тој да не им се плаши? Ама мирниот и сталожен Риши кому со години не му се случи ниту глас да подигне, ниту да се изнервира, мислиш на мравка нема да згази, сега е разгаламен и да го видите во парламентот – арогантен, мафта со раце, се кара и се расправа – ќе се запрашате: што му се случи на човекот? Решил ли нашиот Риши да покажува власт и авторитет? Со кој си, таков си!

Авторката е новинар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот