Што со политичките метузалеми?

Ѓорѓи Тоновски, Фото: Архива

Во нашата земја, покрај неупотребливи политички метузалеми, живеат и амбициозни остварени креативни личности кои политиката ја гледаат како можност за личен придонес за развој на македонското општество, а не како простор во кој лесно се стекнува големо богатство и се лечат лични фрустрации, па и комплекси.

Пред околу триесетина години, по падот на Берлинскиот ѕид, во републиката стартуваше новиот политички систем. Повеќепартиски. Се формираа многубројни политички субјекти со амбиција на изборите да ја освојат власта и да го насочат општествениот развој според нивните визии и идејно-политички проекти. Во политичките случувања значајна улога и место имаа многу млади луѓе (јуноши, маладјожи, јункери) кои активно и со голем ентузијазам се вклучија на разни начини во општите напори за воспоставување на новите општествени односи и за конституирање на новиот повеќепартиски систем. Нивни организирани групи ја крстосуваа државата, а една група постави и шатори пред Собранието. Тоа беше време на несомнен придонес на младите генерации за зацврстување на независната и суверена Република (Северна) Македонија.

Младите активисти им говореа на граѓаните (електоратот) дека во новата Голема Македонија (Солун е наш), со новата власт „ќе тече мед и млеко“. Дел од нив, меѓу другото, говореа дека комунистите треба под итно да си заминат од власта, бидејќи исти луѓе се 30 години на власт (во Социјалистичка Република Македонија); дека тие ја урнисале и искрале државата; дека од Водно направиле мoнденска населба во нивна сопственост; дека новата власт (нивната, јуношката) ќе ги отсели комунистите оттаму и ќе ги отвори падините на Водно за обичниот свет; дека на „комуњарите“ треба да им се одземат неправедно стекнатите имоти; дека… Многубројни ветувања кои го убедија електоратот да им го даде најголемиот дел од довербата.

И така започна текот на парламентарната историја во републиката… Резултатите на сите ни се добро познати…

Но интересно е прашањето што се случи натаму со тогаш активните јуношки јуришници… Тие се овде – дел од нив во македонскиот парламент, дел од нив во судниците на Кривичниот суд во Скопје (злоупотреба на власта, злосторничко здружување и слично), некои од нив паралелно во комбинација на едното и другото. Но што било пред тоа?! Еве што. Имено, по победата на идеите за кои се залагаа, неколкумина од јуношите станаа народни претставници во Парламентот или во извршната власт. На периоди „жареа и палеа“ низ Северна Македонија. Слично на нивните претходници – комунистичките лидери (веројатно, потајно и нивни учители) во изминатите триесетина години (ист период како и „комунистите“) заседнаа на политички функции (во позиција или во опозиција, сеедно), ги средија своите роднини и, што е најинтересно, големо внимание посветија на Водно. Полека се сместија на падините на Водно во вили и џипови на кои можат да им завидат не само поранешните комунистички функционери, туку и швајцарските богати граѓани. Некои од нив со помош на политиката ги завршија одамна запишаните студии. Политиката им донесе и универзитетски титули (незаслужени!)… Си направија бесплатна преисплатлива „инвестиција“ во политиката…

Во моментов се зафатени со изборите. Триесетина години во политиката очигледно им е мал период, од политичките фотелји би сакале да заминат директно во пензија. Повеќе не се преокупирани со младешките идеали за богат народ и просперитетна македонска држава. Во НАТО и ЕУ гледаат опасност за губење на моќните лични позиции…

П.С. Ова писание има цел да послужи како своевиден ориентир при подготовката на кадровските листи за следните избори… Во нашата земја, покрај неупотребливи политички метузалеми, живеат и амбициозни остварени креативни личности кои политиката ја гледаат како можност за личен придонес за развој на македонското општество, а не како простор во кој лесно се стекнува големо богатство и се лечат лични фрустрации, па и комплекси.

Се надеваме дека на изборните листи ќе ги заокружуваме овие „амбициозни остварени креативни личности“… Тоа е порака на јавноста до „кадровиците“ во кадровските кујни на политичките партии…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот