Што си порачаа партиските лидери на митинзите во Крушево, Ново Село, Речица и Липково

Лидерите Заев, Мицкоски, Касами и Ахмети/Колаж Слободен печат/Фото: Фејсбук

 Единаесет години во времето на режимот, Крушево беше заборавена општина, а неговите потреби беа игнорирани, сега гледаме инвестиции, реализација на проекти важни за граѓаните, порача вечерва од Крушево, претседателот на СДСМ Зоран Заев.

-И сега истите луѓе од режимот доаѓаат овде да ветуваат наводна „нова иднина”, а самите се заглавени во темното минато и се надеваат дека народот заборавил. Е па се излажале, народот не заборавил, Крушево не заборавило и нема да заборави на сите злодела што ги направија за 11 години, посочи Заев.
Тој истакна дека во ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски нема никаква промена и додека таа партија не се реформира, ќе губи на секои изборни соочуваања.
-Треба да знаете дека СДСМ е нешто повеќе од политичка партија. СДСМ е пријателство, разбирање, соработка, помирување, простување, компромис, подадена рака, човечност… СДСМ е проектант и градител на мостови. Тоа во ВМРО-ДПМНЕ никогаш не ќе можат да го разберат. Ним не им е јасно дека во светот веќе одамна не постојат „чисти” држави и општества. И Европа, Балканот и Северна Македонија почиваат на вредностите на различност, на мултиетничност и мултикултурност. Такво е и Крушево, вие тоа мошне добро го знаете. И се додека се однесуваат така, нема да ја имаат довербата и ќе губат на сите избори, изјави Заев од централниот изборен настан на СДСМ и коалицијата, вечерва во Крушево.

Од друга страна според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој вечерва се обрати од митингот во Ново Село, 17 октовмри е датум кога се одлучува за иднината.

-Тоа е можност да се произнесете и сериозно да ја опоменете власта. Да не ги поддржите оние мали Зоранчиња, алчни луѓе за власт и оние кои соработуваат со нив само за да ги сочуваат своите фотелји. Тие немаат ниту програма, ниту пак знаат што подразбира програма со план и визија. Тие немаат визија, затоа што нивната визија се тендерите и криминалните бизниси. Заев нема програма, зашто таму ќе остане напишано тоа што тој претходно ќе го излаже. Нема програма, зашто тоа им е тешко да го направат и ќе станат мерливи и откако ќе се споредат ќе се види дека буквално ништо не направиле, рече вечерва Мицкоски.

Во програмата на неговата партија, пак, имало изградба на нови 2.000 улици, градба и реконструкција на 100 градинки, 150 училишта, инвестиции во животната средина и нови 150 паркови, објекти од културата, 90 спортски сали за младите, гасификација за понапредни општини и дигитализација на поефикасни општини.

-Ова е тоа што му втерува страв во коски на нашиот политички противник и зато ќе ги слушнете како викаат за да не се слушне лелекот и плачот на народот, затоа што душата боли, а срцето се кине од овој криминал, од овие предавства, од овој срам којшто го живееме 52 месеци, подвлече Мицкоски.

Демократската Унија за Интеграција вечерва ја продолжи предизборната кампања во Липково, каде го презентираше кандидатот за градоначалник на оваа општина Еркан Арифи и листата на советници предводена од Зекирија Шаини.

Ахмети во својот говор изрази максимална поддршка за кандидатурата на Еркан Арифи и советничката листа додавајќи дека актуелниот градоначалник Арифи е еден од градоначалниците што реализирал најмногу проекти во општина Липково. Тој потенцираше дека зелената агенда има решение за проблемите во општините и таа агенда гарантира подобар живот и поразвиени општини.

-Сега излеговме со зелената агенда, агендата на европско време, модерна, но и која го подобрува начинот на живот. Поглавјето 24 за членство во ЕУ е едно од најсложените, бидејќи животот на луѓето зависи од тоа како ја организираат животната средина. За овие години инвестиравме во кадри и горд сум што овие инвестиции се навистина докажани со нивната работа на сите нивоа, рече во својот говор
претседателот на ДУИ Али Ахмети.

На присутните се обрати и Артан Груби, истакна дека општина Липково е меѓу првите општини со повеќе проекти.

Лидерот на Движењето Беса Билал Касами кој се кандидра за градоначалник на Тетово вечерва пред жителите на Мала и Голема Речица ја откри својата понуда:

-Во оваа кампања забележуваме дека структурата на Движењето БЕСА секојдневно се збогатува со различни луѓе од граѓанскиот сектор, деловниот сектор, здравството, образованието итн. Младите момчиња и девојчиња се приклучуваат на нашата програма, пензионери и работници, луѓе кои дејствуват во сите сфери.А ова резултат е дека имаме најсеопфатна програма, нашата програма има конкретни решенија за сите проблеми што ги има Тетово, рече Касами.

Според него, со доаѓањето на Движењето Беса во централната власт, граѓаните почнале да ја чувствуваат промената.

-Граѓаните почнаа да дишат послободно, додавајќи и ги промените што ги донесе министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа и неговиот тим, кој и покрај големите тешкотии направи и прави се за земјоделците од Полошкиот регион, нагласи Касами.

Тој пред жителите на овие тетовски населби откри и еден долгоочекуван проект за нив.

-Пред неколку дена во Тетекс 1 реков дека секој пат кога ги посетувам бастионите на Движењето БЕСА, доаѓа и некоја добра вест. Заедно со министерот Арјанит Хоџа, денеска, по сопствена иницијатива, не посетија некои инвеститори. Тие изразија подготвеност веднаш да започнат со инвестиција во Тетово: Тоа е фабрика за преработка на зеленчук, поточно преработка на компири, соодветно производство на помфрит и чипс, новиот инвеститор ќе отвори 60 нови работни места, а ние се согласивме дека Речица е најидеално место за ова инвестиција. Но, најдобриот дел од целата оваа работа е што тие ќе склучат договор со земјоделците. Од оваа година земјоделците на Речица ќе ги одгледуваат своите производи кои ќе имаат однапред договорна продажба. Во наредните денови ќе го претставиме конкретниот проект пред вас, рече Касами.

Претседателот на Движењето Беса на овој централен собир за првпат ја откри и својата понуда за листата на советници од граѓанскиот сектор „Подобро за Тетово”, нудејќи ја функцијата заменик -градоначалник на Општина Тетово, со што уште еднаш се докажа дека како следен градоначалник на Општина Тетово ќе биде искрен соработник со сите, вклучително и со граѓанскиот сектор.

Видео на денот