Што се случува со преминот „Влајко“? Граѓаните тврдат дека е затворен за пешаци, општинарите велат – само ноќе за да се чува од вандали

Фото: Фејсбук

Жители од Влае реагираат дека пешачкиот мост „Влајко“, кој според нив е една од најголемите промашени инвестиции во Скопје, граден пет години, опремен со лифт и ескалатор и со дуќани кои никогаш не биле издадени, сега е затворен и за пешаци. Според нив, надземниот премин и онака не служел за намената за која е изграден, а и пред да се затвори преку него било ужасно да се поминува поради нечистотијата и смрдеата на измет.

Од Општина Карпош не одговараат зошто е мостот во таква состојба и дали некој воопшто се грижи за неговото одржување, но тврдат дека е затворен за минување само ноќе.

Информациите дека надземниот премин „Влајко“ е затворен не се точни. Преминот се отвора наутро од 6.30 часот, сѐ до 20.30 навечер. Неговата примарна цел е безбедно преминување на улицата на учениците од училиштето „Димо Хаџи Димов. Втората смена во училиштето завршува во 18.05 часот. Ако е постојано отворен во ноќните часови во преминот се собираат лица кои користат алкохол, опојни дроги, вршат физиолошки потреби, кршат стакла и други девијантни појави. Од тие причини преминот е затворен во вечерните часови – објаснуваат од Карпош.

Преминот „Влајко“, кого граѓаните го нарекуваат „непотребна грдосија“, по четиригодишна изградба беше пуштен во употреба во 2006 година. Оттогаш досега се чини дека тој е вечна „главоболка“ за општинските власти. Изградбата го чинеше Карпош 900 илјади евра, во 2010 година на преминот беа поставени и лифтови, кои заедно со монтажата беа донација од УСАИД, и ескалатори со надеж дека преминот ќе заживее. Сепак, тоа не се случи и „Влајко“, иако на него беа изградени 16 дуќани, подолго време стоеше празен.

Идејата за изградба на „Влајко“, како што беше своевремено објаснето од Општината, произлегла од повеќегодишните барања на жителите од населбата Влае, да се изгради премин по кои учениците безбедно би преминувале за да стасаат или да се вратат од училиште. Најпрво се планираше да се изгради подземен премин, но неговата изведба беше невозможна, бидејќи на средина на булеварот Партизански одреди поминува главниот цевковод преку кој Скопје се снабдува со вода од Рашче. Така, единствено решение беше изградба на надвозник, за кој се потрошија многу пари, а никогаш не профункционира како што се очекуваше.

Општина Карпош неколкупати направи обид да ги продаде деловните простории изградени на мостот, но не успеа во тоа, затоа што за нив немаше имотни листови. Состојбата не се промени и откако се реши проблемот со имотните листови. Градоначалникот Стевчо Јакимовски дури најавуваше дека има фирма која е заинтересирана да го купи целиот надвозник, но ни тоа не се случи. Во дел од деловните објекти беше отворен клуб за млади, а во 2018 година со одлука на Советот две деловни простории на преминот му беа дадени за користење без надоместок на Здружение на пензионери од Карпош.

Што ќе се случува во иднина со надвозникот е сосема неизвесно. Но, тој е скапа инвестиција, веќе е изграден и не треба да се допушти да пропаѓа, без повторно да се направат обиди да заживее. Во меѓувреме, можат да се направат напори барем да се одржува чист, за оние ретките што го користат за безбедно минување преку Партизанска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот