Што се случува на релација Дортмунд – Манчестер и зашто трансферот на Санчо е пред колапс?

Џејдон Санчо/twitter/United News Hub

Иако медиумите тврдат дека работата е завршена, германскиот тим зборува сосема нешто друго – дека воопшто немало преговори и која е улогата на семејството Глејзер во целиот трансфер.

До пред некој ден изгледаше дека трансферот на Џејдон Санчо во Манчестер јунајтед е прашање на време, но во последните два дена се чини дека реализацијата е далеку од готова.

Токму поради тоа случајот на Санчо направи хаос и многумина доведе до конфузија кои се прашуваат како речиси завршениот трансфер одеднаш дојде на почетокот.

Угледниот германски весник „Зидојче Цајтунг“ тврди дека трансферот на Џејдон Санчо е полн со „лажни и полуточни информации“, со што им фрли ракавица на новинарите на „Билд“ и на Скај кои со денови ги изнесуваа сите детали од трансферот преку висината на обесштетувањето, динамиката на плаќањето, па се до платата на англискиот репрезентативец.

Јунајтед попушти, ќе го собори клупскиот рекорд за Џејдон Санчо

„Зидојче Цајтунг“ смета дека не само што нема да има ништо од трансфер во Манчестер јунајтед, туку Џејдон Санчо ќе остане во Борусија Дортмунд и по летото.

Според германскиот весник вината за евентуално нереализираниот трансфер е кај Манчестер јунајтед. Од моментот кога менаџерот Оле Гунар Солскјер го означи Санчо како идеален играч за неговиот систем, англискиот репрезентативец веднаш дојде во фокусот и на сопствениците на Јунајтед, семејството Глејзер и тоа како „средство за остварување профит“.

Американското семејство во кое главниот збор го имаат браќата Аврам, Џоел и Брајан, функционираат и заработуваат така што вртат огромни суми на пари во најпрофитабилните спортови, освен Јунајтед тие го поседуваат и НФЛ тимот Тампа Беј кој летово се засили со квотербекот Том Брејди.

Брајан, Аврам и Џоел ГлејзерEPA/PETER POWELL

Меѓутоа состојбата со Манчестер јунајтед е далеку од идеална, откако во 2014 година почина нивниот татко, Малком Глејзер, тимот  западна во големи долгови. Имено, американскиот бизнисмен во 2005 година го купи Манчестер јунајтед за 850 милиони евра, а единствениот долг на клубот беше кредит во висина од 80 милиони евра. Денеска долгот на „црвените ѓаволи“ изнесува преку 600 милиони евра, а сопствениците се наоѓаат во војна со навивачите кои сметаат дека клубот го водат кон пропаст.

EPA/MAGI HAROUN

Во моментите кога Џејдон Санчо беше виден како некој што на семејството Глејзер ќе му донесе пари преку продажба на дресови и клупски сувенири, тие тргнаа по негов ангажман за да ја искористат неговата одлична сезона за повисока цел – профитот.

Меѓутоа пандемијата на коронавирусот го оневозможи Јунајтед да го реализира трансферот, или како што тврди германскиот весник, воопшто да тргне по неговиот потпис.

Причината за тоа е минусот на Манчестер јунајтед од 120 милиони евра во последната година поради пандемијата на коронавирусот, односно во клупската каса не се слеваат пари од продажба на влезници, телевизиски права, клупски сувенири, а клубот дури и подигна кредит од 155 милиони евра за да ја преживее пандемијата. Пласманот во Лигата на шампионите само го намали интензитетот на пожарот бидејќи од УЕФА во клупската каса ќе се слеат 75 милиони евра.

Поради тоа „Зидојче Цајтунг“ тврди дека помеѓу Борусија и Јунајтед никогаш не бил одржан разговор на тема Џејдон Санчо, ниту директно ниту преку неутрален агент како што пишуваа англиските медиуми.
– Никогаш не сме добиле официјална понуда за Санчо – изјави неодамна директорот на Борусија, Ханс Јоаким Вацке кој им порача на сите екипи дека цената за англискиот репрезентативец изнесува 120 милиони евра и нема попуст поради пандемијата.

Џејдон Санчо/EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Од друга страна, „Билд“ и Скај помпезно го најавуваа трансферот и играа со бројките, 70 милиони евра ќе плати Јунајтед веднаш, а останатите 50 милиони на две рати во наредните две години, додека Санчо ќе добие 88 милиони евра за петгодишен договор.

„Зидојче Цајтунг“ тврди дека помпата околу трансферот на Санчо е да се одржува тензијата, а вина има и првиот оперативец на Јунајтед, Ед Вудворд.

Англиските медиуми тврдеа дека тој уште на почетокот лошо влезе во преговорите со челниците на Борусија бидејќи сакал тој да ја има контролата, што се покажа како погрешно бидејќи Борусија има одлични преговарачи кои на Барселона и извлекоа 140 милиони евра за Осман Дембеле.

Вудворд играше на картата дека со одолговлекување на преговорите ќе ги натера челниците на гемранскиот тим да попуштат и да ја намалат сумата, но одговорот беше брутален. Борусија му порача на англискиот тим дека има рок до 10. август да се изјасни дали ќе седне да преговара или играчот ќе биде понуден на секоја екипа што е подготвена да ја плати бараната сума, а два клуба меѓу нив се оздвојуваат и се помоќни на финансиски план, Реал Мадрид и ПСЖ.

Медиумите во Англија сметаат дека Вудворд својата стратегија скапо ќе помине со Борусија како што беше со случајот со Хари Мегваер за кого плати неверојатни 90 милиони евра. Нивните предвидувања се дека Вудворд во финишот од преодниот рок очајно ќе сака да се договори со Борусија и на крајот ќе ги плати бараните 120 милиони евра доколку го сакаат Санчо во своите редови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот