Што се „фолира“ Заев!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Идејата на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев за заедничка Влада со ВМРО-ДПМНЕ не фати корен во политичката и медиумска јавност. Некако многу бргу, по инстантното одбивање од страна на Мицковски, оваа уникатна и долго посакувана идеја за национално единство, пропадна во засмрденото политичко секојдневие на препукувња, омраза, нетрпение и пред се желбата за самостојна власт.
Ваквиот, од никого неочекуван предлог, ги затече ВМРО-ДПМНЕ во „збунка“. Најпрвин преку Антонио Милошоски ја прифатија, но и ја модифицираа идејата во „Експертска Влада“, но без Заев како премиер. На пладне предлогот беше отфрлен како уште едно фолирање на Заев и како негов обид за сопствен спас, за до вечерта да го радикализираат (Мицковски) својот став дека со криминалци не прават коалиција.
Ако предлогот на Заев бил „фол“, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ требаше ВЕДНАШ да го прифати. Така ќе го ставеше на чистина Заев со неговата лага или „лага“ над која подоцна ќе можеа да се „возат“ уште доолго во нападите врз него и неговата несериозност како човек и политичар. Значи тоа ќе беше ЛЕСНА работа за изведба со која ВМРО-ДПМНЕ требаше да и покаже на јавноста „кој лаже а кој краде“. Тоа секако  ќе беше тешко надоместлива загуба на лидерот на СДСМ кој за оваа идеја беше (или сеуште е) спремен да се бори и во својата партија.
Оттаму, зачудува политичката и стратегиска неопитност на раководството (или на ПР от) на ВМРО-ДПМНЕ, која целата легендарна битка со СДСМ ја сведе на едно крајно емотивно и веќе невкусно со омраза соопштение (од страна на челникот на оваа партија), кое по ништо не се разликуваше од поплавата секојдневни соопштенија што ги лиферува оваа партија.
Се чини дека иако многумина се залагаа името на оваа партија да биде само ДПМНЕ, (бидејќи ВМРО е наша заедничка национална оставштина), сепак по соодветно би било тие самите да си ја избришат синтагмата ДПМНЕ, или барем додавката МНЕ. Затоа што таа партија ниту еднаш не се обиде да ја задоволи општата македонска идеја за Македонско Национално Единство, заради што и беше создадена. Напротив, упорно работи на натамошни делби и создавање омраза меѓу народот.

Што се однесува пак до постојаните обвинувања од страна на опозицијата дека оваа власт е криминална, најдоброто решение за контрола на власта, е да бидеш внатре во власта. Освен ако и ти не сакаш сам да бидеш на власт, за да не може никој така лесно да те „провали“ во криминалот.
Така што идејата или предлогот на Зоран Заев и не беше толку „глуп“ колку што некој намерно го минимизираше. Не сакам да навлегувам во шпекулации дека можеби претходно не бил на потврда и на Калето!
Таа сепак даваше шанса прво Собранието навистина да се одблокира, а потоа и државата во овие политички, меѓународни матни времиња да се консолидира од внатре. Најпосле и можеби најважно и народот да се „приземни“ во разликите и несогласувањата, кои можеби и не се толку големи колку што некои намерно ги прават да бидат.
Во таква зедничка Влада, не би било можно да не се најдат компромисни решенија за многу закони и одлуки, за кои сега постојат непомирливи разлики, кои понекогаш се повеќе инаетење одошто разумен отпор.
Ваквото искуство досега функционира со ДУИ и со Беса. Но зошто е тоа можно со ДУИ и со Беса, а не би можело со ВМРО -ДПМНЕ, во истата Влада.
Вака остана да виси љубопитноста дали Заев навистина се фолирал, или не. Што ако- не? Ја пропуштивме можноста да дознаеме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот