Што сакав да ја прашам претседателката на пензионерите

(Наместо интервју)

Маѓепсан од прикажаниот успех на изборите во здруженијата и во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, особено од првиот (историски) избор на жена за претседател на оваа асоцијација, без да се придржувам кон некои непишани правила, побрзав да ја интервјуирам новата претседателка, мислејќи дека останала онаква каква што ја познавав – непосредна, позитивна и пријателски расположена?!

Уште со првиот контакт ми се пристори дека заборавила на нашата заедничка борба и нејзината иницијатива за „злосторничко здружување“ и соборување на „режимот“, кој и самиот придонесе да се распадне?! Можеби, поради таа „наша кауза“ бев слободен и не сакав да чекам 100 дена да поминат од изборот, небаре влада на Македонија сме избрале, за навистина да ги видиме резултатите и да има за што да разговараме?! Така, уште не ставена радоста од „успехот“, по триесетина дена поминати, се истрчав со поставување прашања, какви што мислев дека секој обичен пензионер би и поставил?!

Соработка со власта

На почетокот ми даде надеж („лажен сјај во трева“) за прифаќање на интервјуто со потврда дека ќе може да разговараме. Потоа почна со нечкање: зошто да брзаме, па ќе видиме, демек се изменија околностите и така минуваше времето до конечното откажување?! Ја уважив колебливоста и одлуката, бидејќи знаев дека работата не е за фалење, зашто и од внатре има забелешки и незадоволства по разни основи, но и за тоа можело нешто да се проговори и да се наоѓа оправдување?! Но зошто, пак, си помислив, таа самата се истрча со интервјуа и презентирање на „успесите“ во матичните гласила на пензионерите, па дури двапати била на МРТВ, а како ми рече, ќе одела на „Сонце“ (каде по овие жештини?!). Не сакам да шпекулирам, ама дознав, дека давала интервју за Би-би-си, најголемата радиодифузна корпорација во светот. И, што сакате повеќе да ви кажувам?!

Можеби и денот (13 мај) не сум го погодил, баксузлија, а можеби пак се исплаши од придружното писмо што и го проследив со прашањата?! Всушност, не ми беше толку до нејзините одговори, зашто можев да претпоставам какви ќе беа, но навистина многу пензионери беа заинтересирани за овој разговор и сакаа да дознаат што мисли да направи претседателката за подобрување на нивниот статус и квалитетот на животот?! Затоа, во нивно име сега сакам да изјавам што сакав (а не сакав) да ја прашам новата претседателка на пензионерите?!

Првата дама претседател во Сојузот, сакав да ја прашам како ќе ги исполни ветувањата што ги даде во Програмата, кои, навистина, не се толку обврзувачки, зашто и самата функција што ја извршува, главно е претставничка?! Се сеќавам, кога зборуваше и ветуваше дека ќе воведе нов начин на раководење, па сакав да ми каже дали навистина тоа го направи, зашто се уште ништо во практика не сме почувствувале?! Потоа, дали успеа, како што беше цврсто определена, да се дистанцира од некои постапки и практикување „демократија“ на претходното раководство, за да биде поинаква и препознатлива?!

Туку, џабе си кажувам и очекувам придржување кон ветувањата и претходните определби кога не може да се оттргне од влијанието на „продолжената рака“, со „Дамакловиот меч“ што ѝ виси над глава?! Веројатно спасот го бара и го наоѓа кон попустливоста, „угладувањето“ и угодувањето на поддржувачите што и помогнаа во остварувањето на целта, а верувам дека ја чувствува потребата за подигање на рејтингот, кој сè уште не е издиференциран и идентификуван!

Од друга страна, ја притиска и потребата за одржување на традиционално добрата соработка со власта, а посебно со локалната самоуправа, каде пак, се крие опасноста од партиското влијание поради кондицирање на гласачката пензионерска машинерија?! Како ќе бара (или пак не бара) спас од оваа потенцијална опасност, навистина не знам?! Но, ги знам нејзините заложби (ми ги кажуваше кога и бев потребен) во врска со реорганизацијата на информирањето во Сојузот? Зарем сега не и пречи едноличноста и клишираноста во уредувачката политика на гласилото „Пензионер плус“, па и „Пензионерските видици“ во „Нова Македонија“, за кои велеше дека штом ќе дојде на кормилото веднаш ќе ги укине, како и билтените, зашто од нив навистина не ја гледа полезноста?!

Така тогаш мислеше, а сега ми вели дека се измениле условите и околностите?! Навистина и верувам, но имам претчувство дека претседателката е ставена во „менгеме“, па дури избегнува средби и контакти со некои „советници“ како мене, што сакаат да и помогнат за да си остане на зборот (човекот држи го за зборот, а волот за рогови)?!

Прескокнати прашања

Во целост ја сфаќам нашата лидерка зошто не може така лесно да се откаже од старите „добри“ кадри, зашто кредитот за поддршката е голем, а отплатата сигурно подолго ќе трае! Овде мошне добро може да се вклопи и приказната за царот и везирот. Овој вториот му вели на првиот, зошто, честити царе, вистинските луѓе не ги ставаш на вистински места за да тргне работата?! Царот со воздивка му одговара на везирот: Ах, море везире, да направам така, ниту јас ќе бидам цар, а ниту ти ќе останеш везир?!

Ете зошто во бараното интервју и јас намерно прескокнав некои прашања што не сакав да и ги поставам на претседателката за кои пензионерите навистина беа заинтересирани да ја дознаат вистината. Всушност, не сакав да ја прашам дали сомненијата за нејзиниот „регуларен“ избор се производ на „незадоволници и зли јазици“, или се „шпекулации“, кои одат до таму да ја оспоруваат регуларноста и легитимноста на изборите и во повеќе здруженија на пензионери?! Дали навистина имало влијанија на партиски структури во предизборните активности и какви последици се предизвикани од таквата замешателност?! Потоа, не сакав да ја прашам зошто раководството на СЗПМ не може да се справи со некои стари кадри и други непосакувани влијанија и да се реформира во духот на поранешните нејзини заложби?!

Претседателката ми остана должна за уште неколку одговори на прашања што сакав да и ги поставам, но и нив ги прескокнувам и ги чувам за посебна тет-а-тет средба, кога ќе можам лично да и се обратам?! Ви ветувам дека и за тоа абер навреме ќе ви пратам!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот