Што сѐ мора да содржи патничката аптека за да летувате без грижи

Profimedia
Profimedia

Лековите пакувајте ги во оригиналната амбалажа со приложените упатства за пациентот. Спакувајте сѐ со здравствената книшка или патничкото осигурување, ако планирате патување во странство.

За многумина, летниот одмор е најубавиот дел од годината што со нетрпение го очекуваат. Затоа, не треба да нѐ чуди разочарувањето поради непредвидените здравствени проблеми што се јавуваат токму во тоа време, особено во друга држава и на друго говорно подрачје. Иако се препорачува да не одите на патување без патничко здравствено осигурување, не е на одмет да ја комплетирате патничката аптека, која е од огромна помош во такви ситуации.

unsplash

Ако имате хронична болест, консултирајте се со вашиот лекар пред да заминете. Ако веќе имате редовна терапија од која било причина, пропишана од вашиот лекар, продолжете да ја користите. Ако планирате одмор на далечни, егзотични дестинации, распрашајте се за евентуалните вакцини против тропските болести. Размислете за областа во која патувате. Информирајте се каде е најблиската аптека и амбуланта. Распрашајте се за растителниот, животинскиот свет и за инсектите кои се населуваат во потесниот дел на територијата на која патувате. Цело време користете вода во шишиња. Овие информации може да ви бидат многу корисни во ненадејните и несаканите ситуации.

Подобро е да се снабдите со потребните лекови пред да тргнете на пат, бидејќи не можете да бидете сигурни дека ќе најдете соодветна аптека во потребниот момент во местото каде што ќе престојувате. Содржината на вашата „патничка аптека“ ќе зависи од вашата здравствена состојба и од здравствената состојба на детето, возраста, начинот и од траењето на патувањето и, се разбира, од дестинацијата. Иако во поголемите туристички центри има аптеки, факторот на изненадување дека во моментот го нема лекот кој ви е потребен може да се случи, па следните совети ќе ви бидат од корист:

  • здравствена книшка и потврда за дополнително здравствено осигурување, како и потврда за вакцинирање.
  • вашата редовна хронична терапија во количина доволна за целото време на отсуството од дома, дополнителни рецепти или лекарска препорака со читко напишано генеричко име на лекот и на дозата, како и кратка историја на болеста.
  • дополнителни лекови што ќе ви ги препорача лекар, во зависност од тоа каде патувате и што би можело да ви затреба.
  • кутија за прва помош, влажни марамчиња за дезинфекција, топломер.
  • ако сте бремени, би требало да понесете апарат за мерење на крвниот притисок.
  • капки за очи (воспалени или алергија), средства против болки во ушите.
  • универзален антисептик за кожа, рани и за слузокожата, кој влијае на широк спектар микроорганизми (бактерии, габички и вируси), а кој може да го користат и трудниците и децата.
  • доволно резервни пелени ако патувате со мали деца.
  • лаксатив на растителна база. Чај против запек кој може да настапи заради промените на животниот ритам, околината и исхраната.
  • таблети против мачнина за време на патувањето.
  • мултивитамински додатоци (ако одите на подолги патувања каде што храната е еднолична).
  • лекови против болки во желудникот и пробиотици.
  • средство за рехридатација.
  • пинцета за отстранување на туѓи тела од кожата.
  • вашата и на детето задолжителна терапија што ја примате.
  • средства за заштита од сонце со висок фактор.

unsplash

Секако, при употребата на понесените лекови треба да се придржувате до пропишаните дози или, што е најдобро, да се консултирате со лекарот/педијатарот.

ВАШАТА ПАТНИЧКА АПТЕКА ТРЕБА ДА СОДРЖИ:

Лекови против болки за намалување на висока телесна температура (на база на парацетамол). Лековите за намалување на температурата (кои истовремено се користат и за смирување на болките), се први на списокот на медикаменти кои е неопходно да се понесат. Главно тоа се сирупите – бруфен или парацетамол.

Помалите деца вообичаено користат ваква формулација на лекот, додека за намалување на температурата кај поголемо дете (потешко од 40 кг), може да користите таблетирана форма на бруфен од 200 или 400 мг или таблета парацетамол од 500 мг. Ваквите лекови се даваат најчесто во растојание од шест часа, некогаш тој интервал може да биде помал (поради висока фебрилност –
температура поголема од 39 Целзиусови степени), но со минимална пауза од четири часа. Доенчињата и малите деца можат да користат и лекови во облик на супозитории (чепчиња). Тие се корисни особено кога дете од некоја причина не може да го земе лекот или кога повраќа. Препорака е да се понесе и едното и другото (сируп и чепчиња).

Капки за нос. Затнатиот нос многу им пречи на децата. Секое подолго одржување на секретот во носната слузница носи ризик за потенцијално воспаление на увото, ждрелото или дури и на бронхиите. Капките за нос треба да бидат составен дел од аптеката. Секако е добра препорака и самото плакнење на детскиот нос со физиолошки раствор.

Лекови против алергија. Алергиите не се ретки ниту во летниот период. Најчесто тоа се алегии на сонце, убод од инсект и на храна. Важно е брзо да реагирате. Бидејќи тоа најчесто се акутни состојби, лекот треба брзо да се примени. Потребно е при рака да имате таблети, сируп, крем против алергии. Ова е често и период на различни алергиски реакции на кожата и не е лошо да имате некоја маст против алергии и убоди на инсекти. Ако сте склони на алергии задолжително понесете ги пропишаните лекови (препорачаниот антихистамицин).

Нега на окото. Очите исто така можат да создадат низа проблеми. Без разлика дали станува збор за алергиско чешање или проблеми поради песокот и солената вода, соодветните капки можат да ги решат првите симптоми. Не е лошо да понесете антибиотски капки и маст, како и оние на база на антихистаминици. Понекогаш е можно децата несвесно, од веќе постоечкиот секрет од носот, да
пренесат инфекција и на окото.

Препарати за надомест на течности и електролити. Раствор на рехидрациска сол, кој ја надополнува загубената течност, гликоза и електролити поради претерано потење (висока температура) или пролив. Повраќањето и проливот се честа појава на летувањето, па на детето е потребно да му давате електролити. Најдобро е да понесете ќесички од еден од тие препарати, кои имаат упатство за употреба за подготвка (обично во половина литар зовриена вода да се раствори
ќесичката) и да го поите детето со лажичка на 5-10 минути. Кај проливот, но и при давањето антибиотици, на децата може да им се даваат пробиотици кои содржат „добри“ и корисни бактерии кои ја регулираат цревната флора.

Прва помош кај повреди. Во случај на мали повреди (гребаници, рани или изгореници) носете антисептик за рани (најсоодветен е во облик на спреј), пакет стерилни гази, завои и фластери и маст или гел против изгореници, јод, хидроген 3 отсто, антибиотски крем. За болки настанати на овој начин, на детето може да му ги дадете, веќе спомнатите – бруфен или парацетамол. Исто така, пожелно е да имате и гел за локална примена и еластичен завој како прва помош до евентуалната интервенција на лекарот (ортопед).

Видео на денот