Што прави денеска: Зорица Нушева, актерка

зорица нушева
Зорица Нушева / Фото: Иван Блажев, Герард Каснер, Вирџин Сент Мартин

орица Нушева е македонска актерка, која веднаш по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, почнала посветено да работи како театарска актерка во комични претстави.

Нушева е дел од ансамблот на Театар комедија во Скопје. Во 2019 година го имаше своето филмско деби со „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска каде што ја толкуваше главната улога.

зорица нушева
Зорица Нушева / Фото: Приватна архива

За оваа филмска изведба, истата година доби многубројни награди како на Фестивалот на европски филм во Севилја, Шпанија, награда за најдобар дебитант на филмскиот фестивал во Мостар, БиХ, Златен сарматски лав за најдобра актерка на Интернационалниот филмски фестивал во Оренбург, Русија, на Филмскиот фестивал во Мароко, награда за најдобра женска улога на Интернационалниот филмски фестивал Јакутск во Русија, 2020 година и други.

зорица нушева
Зорица Нушева / Фото: Герард Каснер

Публиката ја памети и по извонредните театарски изведби на Бежанија во „М. М. Е. Кој прв почна“, Викторија во „Сирена и Викторија“, Лејди Августа Брекнел во „Важно е да се викаш Ернест“, Хера во „Многу врева за ништо“, Елизабета Богдановска Гаровска во „Име“, Антонија во „Нема да платам“ и други.

Настрана професионалните ангажмани, Зорица е посветена мајка на две деца. Ја прашавме како приближно изгледа еден нејзин ден, па еве што ни откри таа:

зорица нушева
Зорица Нушева / Фото: Вирџин Сент Мартин

– Секој ден си е своја приказна, секој ден е различен… Освен оние досадните денови. Тие се досадни на ист начин. Серии, филмови, па пак серии…

Имам убави можности да шетам на различни места низ светот, да присуствувам на филмски фестивали, да се дружам, да запознавам и да работам со нови луѓе, да учам за професијата преку искуства, мастер-класови и работилници… и тоа е еден од благодатите на ова што го работам.

Кога сум дома имам основни обврски кон децата и домот, кои ги делиме со сопругот. По летниот одмор, почнувам со проби за нова претстава што значи дека најголемиот дел од времето ќе го поминувам во театар. И по таков интензивен период, и кога ти е досадно ти е убаво.

зорица нушева
Зорица Нушева / Фото: Иван Блажев

Лесно е да се заклучи дека деновите се навистина различни, но многу од ритуалите се исти, и обожувам сè во врска со нив. Утрата ги почнувам со омиленото време за себе – ладен туш и масажа на лице (неверојатно е колку се добри за менталното здравје), шејкови, вода, кафе…

Во текот на денот сакам да се видам со пријателите, да се слушнам со мајка ми и со брат ми – тие ми се столб, поддршка, сигурност, стабилност, критика… совршена симбиоза… Добар дел од денот сме секогаш излезени со децата било во парк, било на планина, било на шетање… денот секогаш сакам да го завршам со млак туш и лесна вечера… Потоа задолжително читање приказни пред спиење, и најтопли прегратки и бакнежи за добра ноќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот