Што прави денеска: Виктор Филиповски, џез музичар

виктор филиповски
Виктор Филиповски / Фото: Dopeness Production / Сара Митрички / Приватна архива

Виктор Филиповски е дел од новиот бран на џез-музичари во Македонија. Во последните пет години е еден од најистакнатите и најбараните тапанари на македонската и балканската џез-сцена.

Завршил додипломски и постдипломски студии на УГД „Гоце Делчев“ во Штип, на Музичката академија, отсек џез-тапани каде што воедно е и доцент и инструктор по џез-тапани. Филиповски е првиот добитник на наградата „Златен орикс – Најдобар млад џез- музичар во Македонија“ доделена во рамките на Скопје џез-фестивал и „Катар ерлајнс“ во 2017 година.

Соработувал со врвни музички имиња како „Васил Хаџиманов бенд“, „Тони Китановски трио“, „ЗЏМ Биг бенд“, Влатко Стефановски, Македонска филхармонија, „Танец“, Владимир Четкар, Мартин Ѓаконовски, Џијан Емин, Едуардо Раон, Сашо Поповски, Кирил Кузманов, Гордан Спасовски и многу други.

виктор филиповски
Виктор Филиповски / Фото: Приватна архива

Виктор бил дел од многу значајни концерти кај нас и низ целиот свет, а ќе спомнеме само дел „Јава џез-фестивал“ – Џакарта, Индонезија, „Тирана џез-фестивал“, „Јарасум џез-фестивал“ – Сеул, Јужна Кореја, „Роачела џез-фестивал“ – Јоника, Италија, „Дубровник џез-фестивал“ и многу други.

Помеѓу многубројните обврски, Виктор успеа да најде време и да ни раскаже како приближно изгледа еден негов ден, па еве што ни откри тој:

– Денот најчесто ми почнува во 8:40 часот наутро. Тоа ми е последниот аларм и се трудам да не го испуштам. Правам исклучок само доколку се вратам доцна од концерт, настап или патување.

Две утрински кафиња и цигара, проследени со некое јутјуб-видео. Потоа мало растегнување и вежби за грб и врат, некаков појадок (во превод: што ми е при рака) и поаѓам накај студио. „Knobs Keys ‘n Stuff“ е студиото во кое сме косопственици јас, Бојан Филиповски и Биљана Гајиќ. Периодов работиме на неколку ангажмани за американски артисти, снимаме тапани, продуцираме итн.

виктор филиповски
Виктор Филиповски / Фото: Dopeness Production

Вториот дел од денот ми е резервиран за подготвка на репертоари и вежбање нови материјали, зависи од ангажманите. Последниве 3-4 години сум најчесто на пат со артисти и бендови од регионот, па секогаш имам по некој нов репертоар што треба да го подготвам.

Готвењето ми е супер занимација, па се трудам барем еден оброк во денот да го зготвам сам. Така што, за ручек се враќам дома и готвам. Потоа, ако имам некое предавање со студентите, го правам тоа и го користам истото време за да се загреам и да повежбам и јас. Предавањата на факултетот се онлајн, па нив можам да ги реализирам во движење и патување.

виктор филиповски
Виктор Филиповски / Фото: Сара Митрички

Третиот дел од денот е кога имам настап или концерт, а ако сум слободен, резервиран е за којзнае кое кафе по ред и „Нетфликс“. Ова е ден кога сум во Македонија. Кога сум во Србија, денот ми почнува на полноќ качувајќи се во „Фудекс“ и патувајќи накај Белград. Агендата таму ми е многу збиена па немам време за никакви ритуали. Пристигнувам, кафе, проба, тонска проба, концерт.

Последниот период, најголем дел од настапите ми се по регионот со „Васил Хаџиманов бенд“ од Белград, Србија. За крај на денот без разлика каде и да сум, завршувам со некоја серија… најчесто е „The Office“. Најлесно се заспива со неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот