Што прави денеска: Мартина Давидовска, модел

Фото: Ани и Дими/ Марко Маркоски

Мартина Давидовска ја започна својата кариера како модел пред пет години, кога за првпат ја забележале од нашата модна агенција „Моделс ин менаџмент“. По една недела, Мартина веќе била ангажирана за снимање едиторијал за наш познат бренд. Оттогаш нејзините ангажмани се во огромен број и ја лансираа во самиот моден врв.

Мартина со својата раскошна убавина и небесно сините очи веднаш ги освои букерите од српската модна агенција „Фокс моделс“, каде што решија да ја пласираат во самиот центар на модните случувања – Милано.

Еден од позабележителните успеси на Давидовска беше и насловната страница на престижното италијанско модно списание „Ла миа бутик“ (La Mia Boutique). Додека, пак, кај нас соработувала со речиси сите модни дизајнери и брендови, а красела и насловни страници.

Фото: Приватна архива на 2 Models

Инаку, Мартина е дипломиран криминалист, сертифициран нутриционист и фитнес тренер. Она што ја издвојува од другите модели е нејзината огромна харизма, одговорност и посветеност, како и нејзината нордиска убавина од која застанува здивот.

Мартина ни долови како изгледа едно нејзино деноноќие.

– Секој ден се будам во исто време, околу 8 часот наутро, и мојот ден започнува со прегледи околу новите техники за фитнес и исхрана на Јутјуб каде што наоѓам многу интересни влогови како и мотивација. Прво нешто што сакам да го внесам во мојот организам, откако ќе се расонам, се јаболко и зелен чај. Веднаш потоа следува мојот појадок, кој најчесто се состои од овесни снегулки што ги комбинирам со нискомаслен јогурт. Половина час пред мојот тренинг обожавам да се напијам турско кафе без никакви засладувачи. Во 11 часот заминувам на тренинг каде што најчесто вежбам одредена група мускули, во зависност од денот.

Фото: Приватна архива на 2 Models

Регуларно мојот тренинг е приближно час и половина што сметам дека е сосема доволно за моето добро обликувано тело. По тренингот заминувам во маркет, каде што уживам во купувањето на намирниците што ми се потребни за подготовка на ручекот, бидејќи обожавам да готвам. Откако ќе завршам со ручекот, малку одмарам и се подготвувам за моите часови по функционални тренинзи бидејќи работам како персонален и групен тренер. На тој начин се чувствувам исполнето бидејќи така успевам да ги пренесам моите здрави навики и мотивација на луѓето кои тренираат со мене. Понекогаш се случува да ги одложам или да ги поместам моите тренинзи поради активностите и ангажманите што ги добивам преку мојата матична агенција „Моделс ин менаџмент“.

Фото: Fox Models

Морам да напоменам дека за нега на мојата кожа и коса користам маслиново масло бидејќи имам нежна и сува кожа. За да ми биде косата оформена како што ја сакам, ја оставам природно да се исуши и користам само регенератор за полесно расчешлување.

Пред легнување, мојот ритуал е четкање на забите и чистење со забен конец. Вечерата обично ми се состои од морски плодови и риба, при што редовно ја комбинирам со свежи салати или некаков зеленчук на пареа. Во зависност од расположението, вечерните часови најчесто ги поминувам со моите омилени песни и видеа на Јутјуб, при што се случува да запеам или да заиграм. Меѓутоа, постојат и вечери кога читам духовни книги или, пак, знам да се загледам во некој интересен филм. Заспивам редовно околу 23:30 часот бидејќи е сосема доволно да имам 8 часа квалитетен сон.

Фото: Марко Маркоски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот