Што прави денеска: Лина Пејовска, пејачка

Фото: Лина Пејовска/Приватна архива

Младата и талентирана пејачка Лина Пејовска својата музичка приказна ја започна со учеството во српското музичко шоу „Ѕвездите на Пинк“, каде што ги освои и жирито и публиката од целиот Балкан. Оттука патот на успехот на Лина ѝ се движи во нагорна линија. Нејзините песни „Ако ме сакаш“ и „Нека те боли“ станаа апсолутни хитови и бројат милионски прегледи, а убавата Лина е незапирлива кога е во прашање создавањето нова музика.

Лина Пејовска/ Фото: Бојан Стоилковски

„За тоа како изгледа еден мој ден, можам да кажам дека секој ден ми е различен.

Единствено е исто утрото, кое ми започнува малку подоцна, некаде после 12 часот напладне, а тоа се должи на фактот што откако ќе се разбудам, генерално мојот ден е доста активен до доцните ноќни часови и тоа ме изморува.

По будењето, следува еден туш, и подготвување на мојот омилен појадок – препечени лепчиња со некој намаз. Кафе речиси и не пијам, иако на многумина тоа им е првото нешто што го прават кога ќе се разбудат. Додека појадувам ги разгледувам новостите на социјалните мрежи каде што сум и најактивна, и воедно си правам план за денот.

Периодот ми е посветен на снимање нови песни, па затоа сум често во студио и знам да останам и до доцна навечер. Тоа најмногу ме исполнува, па очекувам во брзо време публиката да слушне нешто ново. Тука се и фотографирањата и снмимањата кои се случуваат два-три пати во неделата, што вклучува и шминкања и соработка со мојот тим.

Лина Пејовска/Фото: Приватна архива

Веќе од октомври па навака, дел од денот го поминувам и со обврските на факултет, кои од оваа година па во наредните четири ќе бидат мои задолжителни секојдневни обврски.

Во текот на денот покрај моите задолжителни и професионални обврски, секогаш наоѓам време и да се видам со моите пријатели на чај/кафе муабет, размена на мислења и собирање позитивна енергија. Сега поради пандемијата која нѐ затекна во последните две години, тие дружења ги поминуваме придржувајќи се на ковид-протоколите, иако многу ми недоставува гушкањето со луѓето што ги сакам.
На крајот од денот секогаш се враќам онаму каде што припаѓам – кај моето семејство и моето милениче Леа, кои ми ја даваат целата енергија и ме релаксираат по напорниот ден. Пред легнување, задолжително слушам музика или гледам некој добар филм или серија.“

Видео на денот