Што прави денеска: Лидија Димковска, писателка и преведувачка

Лидија Димковска
Лидија Димковска / Фото: Наташа Купљеник / Приватна архива

Лидија Димковска е македонска поетеса, прозаистка, есеистка, теоретичарка од областа на книжевноста и преведувачка која со години живее во Словенија, но често ја посетува својата татковина.

Завршила Филолошки факултет во Скопје на групата Општа и компаративна книжевност, а докторирала на тема од романската книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија каде подоцна работела како предавач по македонски јазик и книжевност. Исто така, таа била уредник на одделот за поезија во електронското списание за култура и уметност „Блесок“. Член е на ДПМ од 1995 година.

Димковска е добитник на наградата на „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга. За нејзиниот прв роман „Скриена камера“ ја добила наградата на ДПМ „Стале Попов“ за најдобар роман. Исто така, оваа награда ја добила и за својот роман „Резервен живот“, објавен во 2012 година.  За романот „Резервен живот“, во 2013 година, Димковска ја добила и наградата за литература на Европската унија.

Нејзини поважни дела се „Рожби од исток“, „Црно на бело“, „Изгризани нокти“, „Нобел против Нобел“, романите „Скриена камера“, „Резервен живот“, „Но-Уи“ и други.

Лидија Димковска
Лидија Димковска / Фото: Наташа Купљеник

Ја прашавме Лидија како приближно изгледа еден нејзин ден, па еве што ни откри таа.

– Денот ми започнува со турско (односно кафе донесено од Скопје) што мојот сопруг Алеш Мустар го прави за мене, подготвувајќи си себеси макијато. Со кафето обично читам класичен весник што секое утро нè очекува на прагот од домот, како и македонски весници на интернет и новости на социјалните мрежи. Откако ќе дознаам што сè се случува во Македонија, Словенија и во светот, заситена од реалноста продолжувам низ денот создавајќи сопствена реалност– пишувајќи го/обмислувајќи го/менувајќи го/ ромислувајќи го мојот нов роман „Единствен матичен број“.

Истовремено ја подготвувам работилницата за превод што во август ќе ја одржам во Скопје, си ги забележувам прашањата што ќе му ги поставам на полскиот писател Миколај Гринберг за неговата книга одлични раскази „Еврејска работа“ на промоцијата што „Или-Или“ ја планира за август, и уште сега се радувам што во август ме очекуваат и Поетската ноќ во Велестово, заедничко поетско читање со Алеш во Битола како и настапот на Струшките вечери на поезијата.

Лидија Димковска
Лидија Димковска / Фото: Приватна архива

Кога се буди Ема која тукушто заврши основно училиште и се запиша во гимназија, и јас и Алеш оставаме сè и ѝ се посветуваме „давејќи ја“ со нашите прегратки, бакнежи, разговори и понуди за појадок. Потоа секој се повлекува во својата „сопствена“ соба. Ручекот што ми претставува релаксација од умствената работа која неретко вклучува и преводи и препеви, книжевни истражувања, пишување предговори, есеи или статии, уредување антологии и книжевни избори, одговарања на интервјуа, преписки, селектирања на книжевни материјали заразни фестивали и публикации, помош за моите преведувач/к/и кои ми се обраќаат со прашања и друго, е нашиот најважен заеднички оброк, а по него следуваат пред сè долги часови читање книги, семејни разговори, потоа прошетки покрај Љубљаница, вајбер-разговори, среќавање пријатели, посетување претстави, изложби, читања и концерти, а Љубљана лете изобилува со културни настани, но вечерите неретко ги поминуваме и со добри филмови што со Алеш ги гледаме додека ја чекаме Ема да се врати од дружењето со врсниците во населбата.

Лидија Димковска
Лидија Димковска / Фото: Приватна архива

Сепак, секој ден се разликува по нешто и во тоа е убавината или грдотијата на денот. Понекогаш денот е лесен како перце, понекогаш тежок како самар, зависи и од надворешните влијанија и од внатрешните состојби, душата нема рутина. Денес, на пример, ме очекува прекрасен настан: поетско читање во градскиот театар во Птуј заедно со словенечките поети Борис А. Новак, Милан Јесих и Ања Голоб и со украинската поетеса која престојува во Словенија, Евгенија Чуприна. Нашето читање, во организација на издавачката куќа „Гога“, има благородна цел – би сакале да собереме донации за стипендии за украинските автори и авторки кои во Словенија побараа засолниште од војната. Сметам дека е важно ангажираноста да не остане само во рамките на книжевниот израз туку да се прошири и во сферата на животот како таков затоа што за мене литературата е живот, а животот – литература.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот