Што прави денеска: Кристиан Шемко, режисер и сценарист

Кристиан Шемко
Кристиан Шемко/Instagram

Кристиан Шемко е режисер, сценарист и претприемач, автор на книгата „Како да станеш фриленс артист“, маркетинг агент за семејниот бизнис „Фарма Зрзе“ и, пред сѐ, амбициозен млад човек кој сака да прави многу работи истовремено. За себе вели дека е типичен Јарец – упорен и со желба за себеподобрување секој ден…

Кристиан ни опиша како изгледа едно негово деноноќие.

„Опишувам еден зимски, стандарден ден… Утрото го започнувам со топол туш. Тоа ми помага да ги опуштам мислите и телото пред напорните дневни обврски. Потоа појадувам и седнувам на биро да направам распоред за цела недела. Обично обврските ги распределувам според важноста; доколку се фокусирам да речеме, на пример, на нега за телото, тогаш правам посебна листа за таа намена, истражувам на интернет што е најдобро да се купи итн. Откако ќе завршам со фантазирање, започнувам да правам домашни јуфки со јајцата од нашата фарма.

Кристиан Шемко/Инстаграм
Кристиан Шемко/Инстаграм

Тоа го правам четири часа и потоа два часа одмарам или се масирам на мојот нов, штотуку купен „столски“ масажер. Бидејќи сум маркетинг-директор на нашата фарма, периодот за одмор го користам да постирам нови постови на Инстаграм и да спроведувам нарачки. Потоа, работам уште четири часа и правам кратка пауза пред да повежбам малку на лентата за трчање. Гледам серии од 17 до 19 часот и откако ќе завршат, седнувам да пишувам на мојот лаптоп. Моментално ја пишувам мојата втора книга и тој период од неколку часа е време кога правам длабински самоанализи и истражувам безброј теми на интернет кои се потребни за изработката на книгата. Овој период ми е најубав дел од денот, бидејќи остануваме само јас и мојата душа, и водиме најискрени разговори за сѐ што имаме да си кажеме.

Кристиан Шемко/Instagram
Кристиан Шемко/Instagram

Откако ќе завршам со пишување на книгата, седнувам и си пуштам некој филм или гледам фудбалски натпревар за да се опуштам (голем фан сум на фудбал). А, најчесто знам да седнам на мојот компјутер и да играм ФИФА по неколку часа и тоа ми е некако таман активност за пред спиење. Обично легнувам накај 12-1 часот по полноќ и спијам околу седум часа во просек.

Кога денот ми е слободен, најчесто сакам да одам во помали гратчиња низ Македонија за да пробам дел од тамошните специјалитети, но и да го искусам животот низ призмата на локалното население. Многу ја сакам Македонија и мојот духовен град Скопје. Животот во Скопје е нешто што многу ме исполнува и го благословувам секој ден што живеам и творам во едно вакво прекрасно место. Воедно, често знам да поминам дел од времето на нашата фарма каде што заедно со мојот брат Михаил работиме и правиме планови за иднината. Животот на фарма е многу суштински за мојата душа. Тука се запознавам со сѐ она што нашите далечни предци се занимавале и ме тера одново да се пронајдам себеси во тој природен резерват на човекот. Шопинг, пиење кафиња, консумирање алкохол не се повеќе моја главна преокупација. Животот сега ми се сведува на создавање имот и нудење квалитетни услуги. Многу време поминувам во смислување идеи за како да направам нешто повеќе од себе, нешто поголемо. Времето е ресурс кој е многу важен за мене (во хороскоп сум Јарец) и се трудам максимално да го употребам во продуктивни работи кои ми носат долгорочно задоволство!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот