Што прави денеска: Катарина Ивановска, топ-модел

Фото: Приватна архива/Ани и Дими/Јована Зука

Македонскиот, но и светски топ-модел Катарина Ивановска има успешна интернационална кариера, а паралелно е и мултитаскинг мајка, максимално посветена на децата.

Својата кариера како манекенка ја започнала во 2004 година на Миланската модна недела по освојувањето на „Лук моделс интернешнл“ („Look Models International“), кастингот за модели во Македонија. Оттогаш Катарина го освои модниот свет.

Убавата манекенка раскажа како изгледа едно нејзино секојдневие.

„Генерално, овој период нема некои големи осцилации во моето секојдневие.
Во текот на работните денови со син ми Вања се будиме рано, затоа што до 9 часот треба да е во градинка. Јас сум ранобудник и ги сакам утрата. Откако Вања силно ќе ме гушне и бакне за убав ден, ми дава дополнителна сила и со леснотија ги извршувам останатите обврски. Во 10 часот почнувам со вежбање, тоа ми е секојдневна рутина, која ми дава и психичка и физичка сила.

Фото: Приватна архива

Потоа, следуваат домашните работи, средување на домот, раскревање, вклучување на машини за алишта, за садови и на крај, пазарување.

Ретко ручаме дома, често одиме кај моите родители или кај сестра ми, или пак седнуваме во нашите омилени ресторани.

Во 16 часот, откако ќе го земам Вања од градинка, тој командува со времето и активностите што сака да ги прави. Често ни доаѓаат гости или ние одиме на гости кај моите другарки, а бидејќи децата ни се на иста возраст, тие се и најдобри негови другари.

Фото: Приватна архива

Нормално, во текот на денот не ги изоставувам ниту пријателите, па во зависност од нивните обврски, често одиме на кафе или на ручек.

Во текот на викендите се трудиме да прошетаме и надвор од Скопје, а јас во вечерните часови понекогаш излегувам со другарките.

Поради пандемијата на коронавирусот, поретко имам модни ангажмани, многу компании за кои работев се затворија или паузираат со продукција. Сите, не само јас, го чекаме крајот на ова светско зло што ја зафати цела планета Земја.

Фото: Приватна архива

Правилото – во кревет во 21 часот кај нас дома и тоа како се почитува. И потоа, имам два часа само за мене. Да прочитам неколку страници од интересна книга или да изгледам некој филм на „Нетфликс“, затоа што телевизија не гледаме.

Фото: Приватна архива
Видео на денот