Што прави денеска: Јулијана Величковска, писател, уредник и преведувач

Фото: Приватна архива/ Јован Димоски

Јулијана Величковска е писател, уредник и преведувач. Автор е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ); стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации); романот „Годишни времиња“ (2014; 2015; 2017, ПНВ Публикации) и на повеќе од дваесет книжевни преводи од англиски, руски, хрватски и црногорски јазик.

Фото: Приватна архива

Нејзините песни се препеани и објавени на дваесетина светски јазици. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологиии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија, како и во две антологии на куси раскази, објавени во Македонија. Нејзиниот роман „Годишни времиња“ во април 2017 година беше објавен и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова од страна на издавачот „Ерго“ од Софија.

Таа е член на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид и на Друштвото на писателите на Македонија. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, и коосновач е на „Скопскиот поетски фестивал“.

СПФ/Фото: Диме Данов

Јулијана овој пат ни раскажа како изгледа едно нејзино деноноќие.

„Деновите ми почнуваат во осум наутро, кога ме буди мачката Луна, којашто точно знае кога ѝ е време за јадење, што според неа може да си го местиме часовникот! (Се смее) Откако ќе ја нахранам Луна следува утринското гушкање, па подготовките и испраќањето на син ми Гаврил во градинка, и на сопругот Јован на работа. Откако останувам сама, го пијам утринското кафе и се подготвувам за долгиот работен ден што периодов ми трае и по 12 до 14 часа. Згодно е што работам оддома, па понекогаш правам пауза со прошетка низ маало, понекогаш по некои јога вежби за истегнување, а понекогаш имам потреба и од медитација. Работата ми е многу интензивна, бара многу фокус и внимание (кога преведувам, редактирам или кога работам на тековните обврски за водењето на фирмата), бара енергичност и постојана комуникација со авторите и со другите соработници ‒ лектори, дизајнери, преведувачи, печатница, книжарници, менаџери на локалите во кои организираме книжевни настани, новинари… па така ниту еден ден не е како претходниот и секој ден носи нови предизвици, но и радости. Главна поддршка да го издржам напорното темпо на работа ми е музиката. Периодов се навлеков на Силвија Перез Круз.

Фото: Приватна архива

Инаку, работам на неколку проекти, актуелен е Саемот на книгата, се подготвува и второто издание на „Скопски поетски фестивал“, како и 34. издание на „Поетска ноќ во Велестово“. Подготвуваме и бројни книжевни промоции што ќе се случат летово во Скопје и во Охрид. Привршувам и со преводот на еден роман, имам и неколку ракописи за редакција и за уредување, а со илустраторот Марио Каев работиме и на мојата сликовница за деца „Ведра“ што се надевам ќе излезе од печат некаде во септември годинава.

Јулијана Величковска Фото Приватна архива
Фото: Приватна архива

Крадам по малку време попладне да се видам со синот и со сопругот кога ќе се вратат дома и продолжувам со работа кога тие излегуваат на прошетка. Денот ми завршува некаде пред полноќ, повторно со многу гушкање и со разговори за тоа кому како му поминал денот и во планирање на следниот.

Викендите се трудиме да ги поминеме во Велестово, Охрид или некаде надвор од градот за да си ги наполниме батериите со прошетки во природа и со средби со блиските.

Фото: Приватна архива
Видео на денот