Што прави денеска: Драгана Костадиновска, актерка

Фото: Кире Галевски/aaaesthete

Македонската актерка Драгана Костадиновска во своето портфолио има бројни театарски и филмски проекти и главни ликови, како во претставите; „Мајсторот и Маргарита“, „Животот на Молиер“, „Да тргнеме сењор“, „Свадбата на Фигаро“, „Макбет“, во ТВ-сериите „Обични луѓе“, „На терапија“, во филмските остварувања „Балканот не е мртов“, „Еј“…

Драгана овој пат ни долови како изгледа едно нејзино секојдневие.

„Среќна сум што поради природата на мојата професија секој ден ми е различен и не наликува на претходниот. Секако дека сакам да сум организирана и прецизно да знам кога и што правам, но не би можела да замислам да функционирам во некаква рутина што подолго време нема да се смени.

Фото: Кире Галевски

Имам, сепак, неколку секојдневни ритуали што ми се пријатни и ретко ги прескокнувам.

Секое утро со мојот пес шетаме во прекрасниот Градски парк и уживаме во „Вело-кафе макијато“ покрај езерцето наспроти стадионот. Ми се чини во Скопје нема поубаво место од Градскиот парк. Посакувам ние посетителите да научиме повеќе да се грижиме за него, и повеќе да внимаваме на сметот со кој понекогаш паркот е затрупан. Навечер, чаша вино пред спиење. Сѐ помеѓу е непредвидливо.

Кога имам проби и претстави во театар, многу ми е битно да испешачам од дома до МНТ и назад до дома кога ќе завршам со обврските. Избегнувам да одам со автомобил. Тој ритуал на пешачење ми е важен затоа што е време во кое кога одам накај театар ментално се подготвувам за задачата што ми предстои, а пак, кога се враќам накај дома, полека се релаксирам и го оставам работниот ден зад себе.

Фото: Кире Галевски

Последниве денови се во знакот на подготовките за претстојната турнеја на претставата „Работи за кои не зборуваме“ во копродукција на Вондерленд театарот и МНТ. После успешната премиера и изведбите во Скопје, во текот на декември ќе гостуваме во Белград, Битола, Радом (Полска), Сараево и Штип. Особено сум возбудена за оваа турнеја затоа што мислам дека е одличен начин да се заврши една убава театарска година, а од друга страна, имајќи ги предвид условите во кои живееме е навистина сложен и храбар потфат.“

Видео на денот