Што прави денеска: Доктор Адела Стефанија, спец. гинеколог-акушер

Фото: Доктор Адела Стефанија/Приватна архива

Доктор Адела Стефанија спец. гинеколог-акушер во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, секојдневно е активен учесник во моментите на најголемата радост на мајката кога за првпат ќе го здогледа живо и здраво своето новородено бебе. Пациентките за неа велат дека им е секогаш достапна и дека нејзината ведрина ги опушта и им дава верба дека сѐ ќе помине во најдобар ред.

Доктор Стефанија овој пат ни долови како изгледа едно нејзино секојдневие.

Фото: Доктор Адела Стефанија/Приватна архива

„Ние докторите не сме само на збор 24/7, ние навистина сме доктори 24/7.

:Утрата понекогаш знаат да бидат помачни од ноќите, бидејќи ноќите сме ги минале во болница во неизвесно дежурство, во ситуација на комплициран пациент, но кога утрото ме дочекува дома тоа оди вака: будење со најнепосакуваниот звук на алармот, а со сета радост за новиот ден. За почеток се будам со најубавиот мирис на утринско кафе и со вкусот на свежиот цитрон, суперсонично брзите подготовки за на работа и денот официјално може да почне!

Фото: Доктор Адела Стефанија/Приватна архива

Визита на одделението за патолошка бременост и ден за амбуланта. Бројот на пациенти, освен закажаните, постојано се зголемува затоа што секогаш имате дополнително случај кој колега ви го препраќа за супервизија, или пак, пациентот е препратен од својот матичен гинеколог со одреден суспектен наод, кој не трпи чекање. Само што сте решиле да направите куса пауза, ве викаат итно од одделение дека со пациентка мора под итно да се влезе во операциона сала за со царски рез да се заврши раѓањето. „Кремот“ на тоа трчање секако е здраво бебе и среќна и безбедно оперирана мајка. Се враќам во амбуланта бидејќи сите пациенти немаат разбирање зошто ве нема. Крајот на смената не е и крај на работното време.

Доколку не сум се договорила со семејството да седнеме некаде на ручек, тогаш останува домашен ручек, разговор со ќерката Михаела, која е студент, нешто за факултетот, нешто за што нејзината „планина“ трпи тежина согласно годините. Малку мир и релаксација покрај телевизорот или читање на некои нови достигнувања во медицината за кои мора да сме во тек. Во меѓувреме се надевате дека нема да продолжи да ѕвони телефонот за совети и за консултации со пациенти.

Фото: Доктор Адела Стефанија/Приватна архива

Кога имам повеќе време, сакам да прочитам малку белетристика, да истрчам на лентата, да ја вдишам природата во Градскиот парк каде што често среќавам мајка со некое „мое“ бебе, радост која заедно сме ја доживеале, давајќи ѝ го на мајката најубавиот дар на светот, да го посетам родниот Охрид,… но телефонот и тогаш ѕвони.

Затоа и велиме дека во нашата професија нема крај на работното време.

Пандемијата ни ги смени животите. Ни ги скрати дружењата со пријателите, ни ги скрати патувањата. Се надевам дека во скора иднина и на ова ќе му дојде крајот, а ползата од сево ова ќе бидат повисоки вредности, поинакви погледи на животот, подлабоки врски помеѓу луѓето, поголема поука за светот.“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот