Што прави денеска: Билјана Црвенковска, писателка

Билјана Црвенковска
Билјана Црвенковска / Фото: Кире Галевски

Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка и преведувачка, магистер по филозофски науки. Автор е на повеќе романи и илустрирани романи за деца како „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, „ Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград “ и други.

Црвенковска е авторка и на голем број сликовници и книги со активности, особено сликовниците од серијалот „Светот на Биби“. Од книгите што не се за деца, авторка е на романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“, на графичката новела „Девојчето кое танцуваше со пролетта“, на стручниот семиотички труд „Митски лавиринт: патување низ митските слики“, како и на повеќе научни есеи и трудови, театарски критики, новинарски текстови и колумни.

Црвенковска е авторка на сценаријата за анимираните филмови од серијалот „Светот на Биби“, а е еден од сценаристите и на сериите за деца „Пет плус фамилија“ и „Зоки Поки“.

Билјана Црвенковска
Билјана Црвенковска / Фото: Кире Галевски

Ја прашавме оваа инспиративна жена како приближно изгледа еден нејзин ден, па еве што ни откри таа.

„Се будам накај 8 или 9 наутро, со меки мачешки шепи и предење – тоа е мачорот Макс кој, иако има полно чиниче со храна, бара внимание. Секое утро е истиот ритуал на предење, галење и пиење кафе со Макс во скутот. Ако имам време, вежбам јога, а потоа се фрлам на работа (среќа моја што работам од дома и веќе имам заборавено како изгледа работата во канцеларија).

Следува проверка на дневните обврски и ‘поделба на трудот’ помеѓу креативната работа (хонорарно пишување на сценарија, текстови за сликовници – како оние од ‘Светот на Биби’, или некои други мои лични авторски дела) и онаа помалку креативната која е поврзана со издавањето книги и комуникацијата со автори, илустратори, дизајнери, печатници и книжарници.

Билјана Црвенковска
Билјана Црвенковска / Фото: Кире Галевски

Првата работа ја сакам многу повеќе (дури и онаа што е хонорарна, да речеме – ‘по нарачка’) затоа што вклучува пишување и пишување и пишување. А тоа е тоа што го правам постојано, од утро до мрак. Впрочем, тоа е она што ми ги плаќа и сметките. За неа ми треба тишина и инспирација. И затоа не ја сакам толку втората работа, онаа поврзана со нашата мала издавачка куќа ‘Чудна шума’. Ем ми ги одзема мирот и тишината, ем не е воопшто ‘исплатлива’. Но, пред пет години кога до мошне ‘себични’ причини се решив дека ќе отворам издавачка куќа (едноставно, не сакав никој друг да ги издава моите книги), знаев во какви води влегувам и која е борбата – дека ќе се бориш со ветерници обидувајќи се да продуцираш квалитетна литература (пред сѐ, за деца и млади). А квалитетот подразбира и дека сето тоа чини многу повеќе, што кај нас некако се цени сѐ помалку. За среќа, сѐ уште имаме читателска публика што разбира, што следи што се прави во светот и што знае да го цени она што го правиме.

Билјана Црвенковска
Билјана Црвенковска / Фото: Кире Галевски

И така, денот ќе протече или во мир и пишување или во активни разговори со луѓето што се главни ‘виновници’ за содржината и изгледот на нашите изданија. Периодов работам на едно сериозно сценарио, како и на неколку кратки сценарија за ‘Светот на Биби’. Деновиве во печат одат две нови изданија на ‘Чудна шума’: ‘Креативен дневник – ни ден без творба’, кој го направивме заедно Доротеј Нешовски и јас,а вклучува креативни активности за деца, млади (па дури и возрасни) за 365 дена во годината, и ‘Пу за Мите, пу за сите!’ – прекрасна книга за деца на Владимир Лукаш. Го подготвуваме нашиот прв книжевен и творечки фестивал за деца ‘Ни ден без творба’ што ќе се одржува во МКЦ од 24 до 26 јуни, со многу различни креативни работилници за деца, промоции на книги за деца и млади, летен саем на книги на повеќе издавачки куќи итн. И секако, се занимавам и со активности околу понатамошната промоција на ‘Бушава азбука’, чие реиздание по повеќе од 35 години е најбараната книга годинава.

А кон крајот на денот – читам и интензивно гледам филмови и серии – бидејќи и тоа и тоа е составен дел од она што го работам од утро до мрак.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот