Што прави денеска: Ана Јовковска, новинарка, писателка и научна истражувачка

Ана Јовковска
Ана Јовковска / Фото: Приватна архива

Ана Јовковска, новинарка, писателка и научна истражувачка е новинарка, водителка, продуцентка, активистка и хуманистка. Нејзините почетоци на телевизија се од 1994 година и низ годините направила илјадници интервјуа со личности од различни сфери од јавниот живот. Денес работи како научна истражувачка во Институтот за македонска литература.

Нејзината дебатна ТВ-емисија „Пулс“, која траеше од 2007 до 2014 година, беше значаен дел од нејзината кариера. Со оваа емисија Ана несомнено најде начин да внесе важни културолошки, филозофски и политички теми во најгледаните термини на телевизија.

Ана Јовковска
Ана Јовковска / Фото: Приватна архива

Авторка е на многубројни текстови од областа на медиумите, културниот идентитет, родовите студии, филмот и слично. Дипломирала новинарство, а потоа магистрирала Културолошки студии, била дел од неколку научни истражувања од областа на комуникологијата и културните студии. Јовковска се потпишува и како автор на книгите „Пулсот и времето“, „Ехо на слободата“, „Сакам, значи постојам“, „Емотивен талог“ како и на детската книга „До небото и назад“.

Помеѓу многубројните обврски, Ана успеа да најде време и да ни раскаже како приближно изгледа еден нејзин ден. Па, еве што ни откри таа.

Ана Јовковска
Ана Јовковска / Фото: Приватна архива

„Изгрејсонцето е најчесто мојот почеток на денот, па така и денес. Едно мало ноџе ми го преклопило лицето, свртено како акробат што бара внимание, сè уште недорасонето. Отворам очи со првото мрдање на моето петгодишно дете во 5 часот. Сепак, го презаспивам Алекс и станувам да го фатам денот во најсвежиот процвет. „Женски икони на 20 век“ од Светлана Слапшак ми е денешната лектира за изгрејсонце. Читањето во глува тишина, пред домашните да се разбудат, додека денот е проѕирен, ми е толку смирувачко. Еден час подоцна сите сме „на нога“ и со музика.

Утринските ритуали на хидратација ги почнувам на најјако – цедење сок од лимон, цитрон и портокал, планински чај и овошно смути. Иво донел и органски јагоди, па ги киснам во вода, додека засукувам ракави за тестото за проја – една од омилените варијанти за појадокот на нашето семејство. Таман сум завршила в кујна, го подготвувам Алекс за во градинка, па додека со татко му пешачат до градинката (а нашето куче трча по нив), јас „со трчање се дотерувам“ за на работа.

Ана Јовковска
Ана Јовковска / Фото: Приватна архива

Јавнувам велосипед и околу 10 часот стигнувам во Институтот за македонска литература каде што од крајот на минатата година сум вработена како научен истражувач. Денес ми е рокот да ги предадам двата нови научни труда за меѓународните научни списанија „Контекст“ и „Филолошки студии“, па имам уште некој час да ги „испеглам“, а потоа продолжувам со анализа на делото на Слапшак, само сега од канцелариското биро. За среќа, научноистражувачката работа често е самечка авантура, па не морам осум часа да седнам во канцеларија, во бетон, така што денес решавам во вториот дел од денот да продолжам со работа под отворено небо – во парк, покрај езерцето, со лаптопот в скут.

Околу 17 часот имам и кус состанок со издавачката куќа „Три“, со кои треба да ја испланираме промотивната турнеја на мојата нова книга „Емотивен талог“, која беше меѓу најпродаваните книги на „Саемот на книгата“, за што особено се радувам. Сега, откако овие женски приказни им ги предадов на читател(к)ите, книгата продолжува да живее низ емоционалната идентификација на луѓето и низ нивната искрена рецепција на делото.

Ана Јовковска
Ана Јовковска / Фото: Приватна архива

Друга работа што особено ме радува периодов е што нашиот син е голем вљубеник во неговото ново точаче, па околу 18 часот одиме в парк да возиме сите тројца заедно. За жал, нема да можам да ја проследам целата негова авантура (и онака со татко му си се главно друштво за велосипеди) бидејќи вечерва одам на приемот на Британската амбасада по повод одбележувањето на платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора што ќе се случува во Резиденцијата на претседателот. За сметка на тоа, ќе ми недостасува редовниот вечерен ритуал на читање и гушкање со детето пред заспивање. Понекогаш се прашувам што е поважно. Одговорот го знам, затоа навечер најчесто сум дома, прилично селективна каде го расфрлам времето и енергијата.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот