Што прави денеска: Александра Пановска Илиевска, новинарка и ТВ-водителка

Фото: Приватна архива

Александра Пановска Илиевска, едно од најпрепознатливите ТВ-лица кај нас, новинарската кариера ја започнала со проектот „На иста адреса“, како што вели, по иницијатива на пријателка која, условно кажано, е „виновник“ за ова што е денес. Александра вели дека нејзината верба и препорака ѝ отворила нова врата во кариерата за која никогаш не ни сонувала дека ќе биде – водител. ТВ-приказната на Александра потоа продолжува во Сител ТВ, каде што станала дел од тимот на „Брза кујна“ 5 сезони. Но, ковид-пандемијата донесе огромна промена во работниот тек и сите настани. Во екот на пандемијата, стравот и непознатото за сите, Александра останала и бремена, што значело и целосно нејзино повлекување од сите работни ангажмани и посветеност на една нова етапа од нејзиниот живот – мајка.

По завршувањето на породилното отсуство, на Александра ѝ се отворила можноста да стане дел од тимот на утринска на Канал 5, „Здраво Македонијо“. Благодарение на нејзината колешка и пријателка Милена Антовска, која дала препорака, Александра веќе една година утрински се дружи со гледачите на Канал 5.

Фото: Приватна архива

Александра ни раскажа како се одвива едно нејзино деноноќие…

– Мојот ден, особено ако сум во живо на програма, започнува многу рано. Се будам во 5 часот наутро за да се подготвам и навремено да пристигнам на работното место. По пристигнувањето, прво нешто што правам е подготовка на кафе и прелистување на дневниот печат. Мирисот на утринското кафе е нешто што најмногу го сакам, но секако пред да заминам од домот, задолжително појадувам. Наутро сакам овошје во комбинација со житарки.

По завршување на утринската емисија продолжувам во редакција каде што со тимот подготвуваме емисија за следниот ден, а по завршување на работниот ден, започнува мојот омилен дел, дружење со мојата ќерка Сара. Со радост и огромна насмевка ме пречекува уште на прагот од нашиот дом, сега веќе и гласно кажува „мама“, што за мене е најубавиот збор што чувството што го буди не се опишува. Кога сум дома, сакам да го пијам второто кафе од мојот омилен апарат и да го испланирам денот во согласност со временските прилики. Сара има една година и седум месеци и секој ден нè учи на нешто ново и различно. Секој ден е исполнет со многу игра и забава.

Фото: Приватна архива

Наша омилена дестинација е градскиот парк. Имаме привилегија да ни е во близина на нашето живеалиште, па секогаш одбираме играта, забавата и дружењето да се одвиваат токму на оваа локација. И во време на породилното отсуство, тука секогаш минував многу време, запознав многу мајки, а интересно е како во оваа фаза во животот се зближуваш и секогаш наоѓаш заедничка тема со семејства што го живеат истото секојдневие и ги делат истите проблеми и предизвици.

Кога времето и можностите дозволуваат, по работното време понекогаш се дружам и со пријателки. Често знаеме да се дружиме со Цеце од ТВ Телма, делејќи си совети од секојдневието. Сара и синчето на Цеце, Бодан, се пријатели од мешиња. Тука е дружењето и со пријатели за време на викендите, или ако има можност, патување до најблиска викенд дестинација.

Фото: Приватна архива

Како младо семејство често сакаме да патуваме, а и Сара сака природа. Леуново ни е омилена дестинација во Македонија. Голем дел од времето, особено за време на пандемијата, сакавме да сме во природа, а природата во Леуново ви го одзема здивот од убавина.

Фото: Приватна архива

Времето за ручек е време кога сакам да сме сите на трпеза и да споделиме како ни минал денот и заедно да јадеме. Вечерата знаеме да ја прескокнеме, но за Сара секогаш е вклучена вечера, а најчесто на агенда ѝ е омилениот гриз. Денот ни завршува некаде во 21:30, ако има можност со сопругот знаеме да си направиме домашно дружење со чаша од нашето омилено вино или пиво, а потоа доколку следниот ден значи старт од 5 часот, тогаш сонот е битен за следното утро да сум свежа за сите работни обврски.

Во овие изминати две години, динамиката и движењето на денот некако наликуваат еден на друг, но во оваа фаза од животот сакам да се посветам и максимално да уживам во семејството и во мајчинството.

Вака минува едно мое секојдневие покрај сјајот и убавината на работа во телевизија попатно исполнето и со многу полни пелени, смеа, игра и забава…

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот