Што прави денеска: Александра Јанева, пејачка

Фото: Столе Ангелов/Ѓорги Вацев

Младата пејачка Александра Јанева јавноста ја памети по победата на музичкото шоу „Сите наши песни“ во 2013 година и на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во 2013 и 2016 година. Публиката и музичките познавачи коментираа дека „Макфест“ со „Врати ми го сонцето“ во 2013 година добил една од најдобрите песни победнички во последните 15 години. Додека, пак, на „Макфест 2016“, Александра победи со песната „За сто години“.

Александра овој пат ни раскажа како тече едно нејзино секојдневие.

„Јас сум од оној тип луѓе кои се будат пет минути пред алармот и веднаш се упатуваат од кревет кон кујна за да го подготват кафето што ќе им ги отвори очите. Понекогаш и најмал звук може да ме разбуди, инстантно станувам, но потребно ми е малку повеќе време дури почнам да зборувам и генерално да функционирам. Затоа, дури се вари кафето јас веќе пуштам утринска програма на телевизија и полека ги подготвувам своите сетила за стартот на новиот ден.

Фото: Столе Ангелов

Кафето го пијам секој ден помеѓу 9 и 10 часот наутро, освен за време на викенди. Тогаш знам да станам нешто покасно поради заспивањето во раните утрински часови по настапите со мојот бенд. Во моментовнемам класична осумчасовна работа, но сакам така да го организирам своето време дома. Така што, некаде по 10 часот почнувам со извршување на секојдневните обврски.

Во последните четири месеци, наутро, помеѓу 11 и 13 часот ги закажувам своите термини во една клиника за естетска медицина и козметологија. Таму правиме најразлични третмани за нега на лице и тело и масажи, кои мошне рехабилитирачки делуваат врз мене по вечерните енергични настапи. Ги опуштаат вратните мускули и секако мускулите на долните екстремитети, кои подолго време биле во грч поради носењето високи потпетици.

Периодов е мошне активен со настапи во живо и поголемиот дел од обврските ми се поврзани со пеење. Присуствувам на проби со бендот, или правам вежби за распевање и загревање на гласот дома. Долги години посетував часови за изучување на правилна техника за пеење, така што таа обврска некако природно ми премина во секојдневна рутина. Се трудам секојдневно да го загревам гласот 30 минути до еден час, освен кога се чувствувам изморена од неколку последователни настапи и гласните жици бараат пауза за регенерација.

Фото: Столе Ангелов

Покрај пеењето, физичката активност е многу важна потреба во мојот живот. Веќе неколку години вежбам во вежбална и се чувствувам одлично после тренинг, имам многу повеќе енергија и волја за да ги завршам сите преостанати обврски, а секако дополнително уживам кога ја гледам својата физичка трансформација во огледало.

Во преостанатиот дел од денот подготвувам оброци, организирам состаноци со своите соработници кога треба да се подготвува некоја нова фотосесија, пишувам стихови или сценарио за некоја нова песна или спот, учам нови работи поврзани со одржувањето на профилите на социјалните мрежи и секако одвојувам време за релаксација и кафе-муабет со моите блиски.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот